Директорот на гостиварската болница Емри Бајрами информира дека на Инфективното одделение биле прегледани 111 пациенти, на Одделението за педијатрија 75, а во Ургентниот центар 12 пациенти. Клиничката слика и натаму се карактеризира со стомачни проблеми, а поретко со треска и покачена телесна температура
Нови 198 пациенти се прегледани во Општата болница Гостивар во изминатото деноноќие, информира директорот на болницата Емри Бајрами, додека во градот трае епидемијата со зголемен број лица со стомачни тегоби. Поради здравствената состојба во која се наоѓа, еден од пациентите е упатен на Инфективната клиника во Скопје.

Директорот на гостиварската болница вели дека на Инфективното одделение биле прегледани 111 пациенти, на Одделението за педијатрија 75, а во Ургентниот центар 12 пациенти. Бајрами додава дека клиничката слика и натаму се карактеризира со стомачни проблеми, а поретко со треска и покачена телесна температура.
Од Министерството за здравство вчера информираа дека е забележано почетно намалување на бројот нановопрегледани пациенти со стомачни тегоби во Гостивар.
Министерот за здравство Сашо Клековски вчера соопшти дека од почетокот на епидемиолошката состојба се евидентирани речиси 3 100 здравствени контакти од Здравствениот дом Гостивар и Општата болница, вклучително телефонски јавувања и интервенции на Итната медицинска помош. Првиот преглед бил извршен на 14 јули, а пет дена подоцна првпат било забележано намалување на бројот на приеми на пациенти.
