Паднати се дрвја и бандери, сообраќајот е отежнат, а надлежните повикуваат на зголемена претпазливост

Попладнево силно невреме зафати делови од источниот и југоисточниот дел на земјава.
Краткотрајното невреме проследено со силен ветер и дожд, кое го зафати струмичкиот и радовишкиот регион предизвика паѓање на дрвја и пожари, објавија Територијалните против пожарни единици на Струмица и Радовиш.
Во село Подареш бил запален постар објект, а пожарот бил предизвикан од фрлање искри од запалени жици. Екипа од тројца пожарникари веднаш излегле на терен и го изгаснале огнот.
Во струмичко избувнале пожари во штала во селото Висока Маала и на сува трева во Муртино, а паднато дрво било отстрането од коловозот во Ново Село.
Општина Ново Село апелира на особено споро и внимателно возење на патните правци Сушица-Ново Село, Ново Село-Мокриево, Мокрино-Смолари и Смолари- Ново Село, известија од локалната самоуправа.
Во Делчево пак, предизвикани се материјални штети на повеќе локации, при што најсериозно е оштетен кров на објект, чија санација е во тек. Се расчистуваат паднати дрвја на повеќе патни правци.
Невремето оштетени неколку бандери во повеќе населби во градот. Оштетени се и лимени кровови во населбата Расадник и во централното градско подрачје, каде екипи на Територијалната противпожарна единица Делчево интервенираат за нивно безбедно отстранување поради фреквентноста на локацијата.
Порталот „Делчево365.мк“ објави видео од невремето.
