„Бидејќи сум известен дека судијата на Уставниот суд Гоце Наумовски нема да ја образложи оставката на седницата на Собранието, констатирам дека согласно член 121 став 2 од Деловникот на Собранието, на д-р Гоце Наумовски му престанува функцијата судија на Уставниот суд“, соопшти потпретседателот на парламентот Антонијо Милошоски пред почетокот на денешната 115. седница
Наумовски неотповикливата оставка си ја поднесе во четвртокот минатата недела (16 јули), а во неа, како образложение, кусо напиша дека на ваквиот чекор се решил од лични и професионални причини
Професорот Гоце Наумовски и формално повеќе не е судија на Уставниот суд откако Собранието пред почетокот на денешната седница ја констатираше неотповикливата оставка што тој си ја поднесе по само пет месеци од изборот на функцијата.

Оставката ја констатира пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски, кој го започна 115. пленарно заседание на законодавниот дом, со известување до пратениците за оставката на судијата Наумовски.
Иако според ставот 1 од членот 121 од Деловникот на Собранието, уставниот судија имаше можност да ја образложи оставката пред пратениците, тој не дојде во парламентот.
„Бидејќи сум известен дека судијата на Уставниот суд Гоце Наумовски нема да ја образложи оставката на седницата на Собранието, констатирам дека согласно член 121 став 2 од Деловникот на Собранието, на д-р Гоце Наумовски му престанува функцијата судија на Уставниот суд на Република Македонија“,
рече пратеникот и потпретседател на законодавниот дом Антонијо Милошоски.
Наумовски неотповикливата оставка си ја поднесе во четвртокот минатата недела (16 јули), а во неа, како образложение, кусо напиша дека на ваквиот чекор се решил од лични и професионални причини.
Неговата оставка, која инаку за кратко време е втора што од функцијата судија на Уставниот суд ја ја поднесува професор од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), дојде ненадејно, а за неа не беше известен ниту Судот. Претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, за оставката на својот колега дознал од во телефонски разговор со претседателот на Собранието Африм Гаши.
Претходно, во декември минатата година оставка си поднесе професорката на Правниот факултет при УКИМ, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која за уставна судијка беше избрана две години претходно, односно во декември 2023 година. Таа наведе дека од функцијата се повлекува поради здравствени и лични причини.
На нејзино место во февруари оваа година беше избран нејзиниот колега од Правен, Гоце Наумовски, како предлог на владејачкото мнозинство. Инаку, пред да биде избран за уставен судија тој беше еден од надворешните соработници на премиерот Христијан Мицкоски од областа на правото. Д-р Гоце Наумовски е брат на ексвицепрeмиерот за евроинтеграции во една од претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ, Васко Наумовски.
„360 степени“ во петокот (17 јули) упати прашање до професорот Гоце Наумовски, дали може да сподели повеќе информации поради какви професионални причини решил да си поднесе оставка, но не добивме одговор.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, пак, ни одговори дека не разговарал со Наумовски околу причините за неговата одлука, додека за причините за оставката на Дабовиќ-Анастасовска ни одговори дека му се добро познати и според него оправдани. Ова, воедно, беше неговиот одговор за повлекувањето на двајца професори од Правен од Уставниот суд, за краток период.
„Причините за оставката на судијата Гоце не ми се познати и затоа не можам да коментирам, освен дека оставката претставува акт од лична природа“,
ни рече Костадиновски.
Другото прашање што се отвори со оставката на Наумовски е околноста што Уставниот суд сега останува да работи со седум судии, наместо со девет колку што е полниот состав на оваа институција според Уставот. Ова го доведува во прашање одлучувањето на Судот, особено за предмети за кои е потребно јасно мнозинство.
Второто испразнето место во Уставниот суд е она на Елизабета Дуковска, откако нејзиниот избор за уставна судијка беше поништен по пресуда на Управниот суд. На нејзино место сè уште не е избран нов уставен судија, иако Судскиот совет уште кон крајот на март за функцијата ја предложи судијката во Апелацискиот суд Скопје, Мери Дика Георгиевска.
