Цистерната ќе биде поставена на паркингот кај Домот на културата, во близина на Џамијата во Нова Маала

Цистерна со вода за пиење е обезбедена за жителите на Гостивар, по барање на локалниот огранок и со поддршка на советниците на Влен во Град Скопје.
Од Влен посочуваат дека резултатите од анализите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) се јасни дека водата од градската водоводна мрежа е привремено забранета како за пиење кај домаќинствата, така и за употреба во угостителските објекти.
„Цистерната ќе биде поставена на паркингот кај Домот на културата, во близина на Џамијата во Нова Маала. Ќе продолжиме да бидеме покрај нашите граѓани и да обезбедуваме конкретна помош, додека максимално се ангажираме оваа состојба да се надмине што е можно побрзо“,
се наведува во соопштението од Влен.
Од партијата упатија апел до гостиварци да ги почитуваат препораките на надлежните институции, да не ја користат водата за пиење од водоводод и да се грижат за сопственото и за здравјето на своите семејства. Истовремено, тие најавија дека и во наредните денови ќе продолжат да носат цистерни со безбедна вода од други општини, сѐ додека водоснабдувањето во Гостивар целосно не се нормализира.
Во однос на здравствената состојба на граѓаните, од Влен информираат дека ситуацијата во Општата болница во Гостивар е под контрола. Сите одделенија во болницата функционираат непречено, а медицинскиот персонал е во состојба на целосна подготвеност 24 часа дневно за да им пружи соодветна медицинска помош на граѓани.
