Американскиот систем за предупредување од цунами предупреди дека се можни бранови долж бреговите во појас од 300 километри од епицентарот на земјотресот

Силен земјотрес од 7,3 степени го погоди крајбрежјето на јужната мексиканска сојузна држава Чијапас, во близина на границата со Гватемала, предизвикувајќи предупредување за цунами и потрес на тлото кој се почувствувал и во Гватемала и Салвадор. Според првичните информации од властите, нема извештаи за жртви ниту за поголема материјална штета.
Американскиот систем за предупредување од цунами предупреди дека се можни бранови долж бреговите во појас од 300 километри од епицентарот.
Според проценките, нивото на морето на одредени делови од брегот на Мексико и Гватемала би можело да се подигне помеѓу 0,3 и еден метар.
Мексиканскиот министер за морнарица, Рајмундо Моралес изјави дека не се очекува пораст на нивото на морето поголем од половина метар, но на граѓаните им препорача привремено да се оддалечат од плажите.
„Не очекуваме посериозно влијание врз поморскиот сообраќај. На одредени плажи нивото на морето би можело да порасне до половина метар поради ефектот од цунамито предизвикано од земјотресот“,
изјави Моралес.
По главниот удар, забележана е серија на последователни земјотреси, меѓу кои и неколку со магнитуда помеѓу пет и шест степени.
