Државниот јавен обвинител најави одлука за жалба по добивањето на писмената пресуда и ги отфрли критиките за смената на обвинителката
Поранешната обвинителка Ленче Ристоска, пак, возврати оти без специјалното овластување од државниот обвинител немала законско право да го води предметот и дека тоа му го кажала лично на Савески
Јавното обвинителство ќе одлучи дали ќе ја обжали ослободителната пресуда за предметот „Талир 2“ дури откако ќе ја добие и детално ќе ја анализира писмената верзија на судската одлука, рече државниот јавен обвинител Ненад Савески.

Во одговор на новинарско прашање зошто Обвинителство не најави жалба, како што е практика при сите ослободителни пресуди, рече оти тој не бил лично присутен на усното образложение во судницата.
„Не можам да ви одговорам сега бидејќи ќе се чека писмената верзија на пресудата. Целото образложение ќе се анализира и тогаш ќе се донесе одлука дали судот го убедил Обвинителството со својата одлука и образложение или не“,
рече тој.
Савески ги отфрли обвинувањата од одредени политички партии кои тврдат дека повлекувањето на овластувањата на обвинителката директно влијаело врз крајниот исход на „Талир 2“, а според него повлечените овластувања се однесувале исклучиво на постапување на обвинители во предмети за кои тие не биле надлежни.
Дополнително, рече оти Ристоска била надлежен обвинител во ОЈО Скопје и имала право да продолжи да го води предметот.
„Токму овој предмет, доколку таа не поднесеше оставка, ќе беше во нејзино надлежно постапување. Моето повлекување на овластувањата никако не можеше да се смета дека имало последица да ѝ биде одземен предметот. Доколку останеше, таа ќе работеше на него“,
изјави Савески.
Заминувањето на Ристоска, според него, било лична одлука.
Поранешната обвинителка во предметот, Ленче Ристоска, реагираше на социјалните мрежи. Изјавите на државниот јавен обвинител ги оцени како целосно неточни бидејќи како обвинител за врски во Европравда, согласно членот 5 од соодветниот правилник, нејзина примарна надлежност биле само предметите регистрирани во канцеларијата за врски. Во предметот „Талир 2“ кој, како што вели таа, не спаѓа во оваа категорија, постапувала исклучиво по пат на исклучок, односно врз основа на посебна одлука и овластување од државниот обвинител.
„Со повлекувањето на тоа овластување отпадна и правниот основ по кој постапував во овој предмет. Оваа информација му беше соопштена на обвинителот Савески лично од мене, на состанок пред да ја поднесам оставката. Лично го известив и дека доколку ги повлече овластувањата по предметите по кои постапувам, ќе следува мојата оставка, а ги објаснив и причините за таквата одлука“,
напиша Ристоска.
Таа вели и оти иако е неспорно дека оставката е нејзина лична одлука, таа била директна последица на потегот на државниот обвинител со кој ѝ била одземена законската основа да ги работи предметите.
