„Според оваа логика, Албин Курти требало да биде обвинет затоа што се среќава со Александар Вучиќ, Доналд Трамп затоа што се среќава со претседателот на Кина, или кој било министер за надворешни работи во светот затоа што се среќава со своите колеги од земји со кои има несогласувања“, вели Османи по обвинувања од Влен за неговата средба и темите на разговор со Вучиќ додека бил министер за надворешни работи

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, реагира на обвинувањата од владејачката Влен, од каде што му замеруваат затоа што во 2021, од позиција на министер, на средба со претседателот на Србија Александар Вучиќ, меѓу другото, разговарал и за унапредување на положбата на Србите во земјава.
Османи вели дека Влен не прави разлика меѓу официјални средби и политички определби.
„Денес навистина мора да се очајни во ВЛЕН, ако дошле до таму официјалните средби на еден министер за надворешни работи да ги претставуваат како политички определби, а секојдневното коалицирање со негирачи на независноста на Косово, негирачи на геноцидот во Сребреница и релативизатори на Охридскиот рамковен договор да го претставуваат како нормалност. Според оваа логика, требало да биде обвинет Албин Курти затоа што се среќава со Александар Вучиќ, Доналд Трамп затоа што се среќава со претседателот на Кина, или кој било министер за надворешни работи во светот затоа што се среќава со своите колеги од земји со кои има несогласувања“,
вели Османи.
Тој посочува дека дипломатијата не подразбира средби само со луѓе со исти гледишта.
„Дипломатијата постои токму за да се среќаваш со оние со кои не се согласуваш, за да ги браниш интересите на својата држава и да ги унапредуваш нејзините позиции. Дипломатските средби се уставна и законска обврска. Коалицирањето е политички избор. Тоа се две сосема различни работи кои ВЛЕН или не знае да ги разликува, или се преправа дека не ги разликува. Соопштението што го објавуваат е соопштение на Кабинетот на претседателот на Србија, кое ги изразува ставовите и приоритетите на српската страна, а не на Република Северна Македонија. Тоа е сосема нормална практика во секој дипломатски однос. И денес повторно би се сретнал со секој свој соговорник, дури и кога не се согласувам со него, затоа што тоа е должност на министерот за надворешни работи. Но никогаш не би избрал да коалицирам со оние што ја негираат независноста на Косово, го релативизираат геноцидот во Сребреница или ги поткопуваат правата на Албанците.Тоа е разликата меѓу дипломатијата и политичкото потчинување. Токму таа разлика ВЛЕН денес очајнички се обидува да ја сокрие“,
смета Османи.
Претходно денеска Влен обвини дека ДУИ нема право да зборува за т.н. „српски свет“. Оттаму потсетија на средба одржана во 2021 година меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи.
Во тогашното соопштение, кое сега Влен го нарекува документ, пишувало дека меѓу темите на разговор било и „унапредувањето на положбата на Србите во Северна Македонија“, што за владејачката партија е „потопување на пропагандата“ на ДУИ.
