Таа посочува дека сепак е оптимист во однос на евроинтегративниот процес, а клучниот момент, како што рече, е 30 септември, кога првпат Европската комисија ќе излезе со извештај за новата стратегија за проширувањето
Европската Унија располага со механизми преку кои може да спречи блокади засновани на идентитетски прашања, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за Канал 5, прашана за гаранциите што земјава ги очекува од ЕУ. Таа посочи дека Македонија се залага за решение што би ја спречило билатерализацијата на евроинтегративниот процес и оцени дека нема сигурност за ново вето од земја членка, но оти Унијата може да воспостави правила според кои евроинтеграцијата нема да се попречува поради прашања што не се поврзани со критериумите за членство.
„ЕУ има механизми, интерпретативни мислења во кои ќе каже дека не може да се блокира евроинтеграцијата, не за нас, туку воопшто на кандидатите, доколку причините лежат во идентитески прашања, доколку не се врзани за критериумите за напредување и оценување во рамките на ЕУ“,
вели Сиљановска-Давкова.
Во однос на Бугарија, претседателката вели дека по неодамнешните контакти со бугарскиот премиер Румен Радев гледа простор за интензивирање на дијалогот и за барање заеднички решенија, иако средбите се протоколарни, а не во насока на суштински дијалог.
„Заклучокот е дека треба многу напор, многу добра волја за да исчекориме некако. Јас затоа ја ценам дури и пристојноста, Радев беше стабилниот елемент во државата. Сигналите се дека треба коректно да се однесуваме едни кон други, да се сослушаме, да видиме дали она што го зборуваме навистина вреди да се има предвид. Треба нешто заедно да инвестираме за да дојдеме до некакво решение“,
посочува претседателката.

Сиљановска-Давкова нагласува дека изворот на потенцијалните идни блокади е Вториот протокол меѓу Скопје и Софија.
„Патот сигурно ќе се отвори за момент, но ќе се појави нова препрека, зошто – бидејќи треба изворот на препреките да го анулирате, а тоа е протоколот 2. Тој во себе иманентно содржи проблеми од ваков тип. Тие влегоа внатре во преговарачката рамка и во заклучоците продолжува расправата. Не може во еден момент да велите дека сте за дебилатеризација на евроинтеграцијата, а од друга страна да толерирате билатерализација – што е ова кон нас од страна на Бугарија? Затоа ние велиме – ајде да посегнеме по некоја вин-вин конструкција“,
вели Сиљановска-Давкова.
Таа посочува дека сепак е оптимист во однос на евроинтегративниот процес, а клучниот момент, како што рече, е 30 септември, кога првпат Европската комисија ќе излезе со извештај за новата стратегија за проширувањето.
„Јасно е дека ние сме подготвени да го фатиме чекорот со оние што се на прагот (Црна Гора и Албанија) и затоа не сакаат да нè остават да назадуваме за да го материјализираме овој реформски зафат кој го правиме“,
додава претседателката.
