Запленет е медицински раствор „гадонанс 7,5 мл“, кој се користи како контрастно средство при магнетна резонанција
Косовски државјанин, возач на товарно моторно возило, се обидел да прошверцува две илјади парчиња вијали со медицински раствор „гадонан“ во кабината на возилото, велат од Царинската управа.

Откако возачот првично изјавил дека освен декларираната стока нема ништо друго за пријавување, царинските службеници поради сомнеж во вистинитоста на изјавата извршиле детална контрола, при што биле пронајдени вијалите кои биле спакувани во папки и кеси без оригиналното пакување.
„Медицинските препарати биле сокриени на повеќе места во кабината – во горниот кревет, во фабричка шуплина, над возачкото седиште, како и во личниот багаж сместен во долниот кревет“,
велат оттаму.
Инаку, станува збор за косовски државјанин, вработен како возач во транспортна компанија од Косово, кој превезувал алуминиумски профили на релација Турција – Косово. Возилото било запрено за контрола од мобилен тим на граничниот премин „Деве Баир“. Од Царинската управа посочуваат дека со оваа акција се спречило небезбедни медицински препарати да стигнат до граѓаните, нагласувајќи дека ваквите производи подлежат на задолжителни дозволи за увоз, како и на строго пропишани услови за чување и транспорт.
„Станува збор за медицинскиот раствор ‘гадонанс 7,5 мл“, кој се користи како контрастно средство при магнетна резонанција и се аплицира венски. Секој обид за шверување лекови и медицински препарати ќе биде најстрого санкциониран“,
кажаа од Царинската управа.
Годинава Царинската управа спречила 13 обиди за шверцување и запленила вкупно 29 илјади парчиња лекови и медицински препарати, додаваат оттаму.
