Според опозициската партија, тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ оти се изгубени европски средства е само параван за да се задржи стариот модел со шест изборни единици кој директно ги фаворизира најголемите политички субјекти
Со истекот на рокот за донесување на новиот Изборен законик, власта се обидува да ја убеди јавноста дека поради Левица државата изгубила околу 4 милиони евра европски средства, но притоа свесно премолчува многу поважна последица, се вели во соопштението на политичката партија Левица.

Оттаму велат дека со тоа што стариот Изборен законик останал во сила, значи оти ќе опстане и системот за платено политичко рекламирање, преку кој најголемите партии во земјава повторно ќе инкасираат околу десет милиони евра од Буџетот.
„Во текот на целиот процес, Левица беше единствената партија што доследно инсистираше на суштинските изборни реформи – една изборна единица и укинување на платеното политичко рекламирање. Наместо да се разговара за темите од лидерската средба и поради кои беше формирана Работната група, теми кои претставуваат вистинска демократизација на изборниот процес, ДПМНЕ во самиот финиш ја отвори темата за гласањето на дијаспората и ја прогласи за своја единствена црвена линија. Прашање што воопшто не беше предмет на четиримесечната работа на Работната група“,
велат од Левица.
Однесувањето на власта го нарекуваат лицемерно бидејќи токму моделот на една изборна единица било клучно ветување на премиерот Христијан Мицкоски и е дел од програмата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. За да не се дозволи пропаѓање на реформите, од Левица велат оти понудиле компромис со што би се прифатило гласањето по пошта на дијаспората за претседателските избори доколку биде прифатено барањето за една изборна единица, но тоа не се случило.
Сега, велат оттаму, откако власта ја префрли одговорноста на опозицијата, токму тие ги повикаа сите опозициски партии на координација, но СДСМ одбила учество, со што, како што се вели во соопштението, се покажало оти и тие бегаат од сопствените долгогодишни заложби за една изборна единица.
„Ако со пропаѓањето на новиот Изборен законик повторно остануваат шесте изборни единици што ги фаворизираат најголемите партии и системот преку кој истите тие партии ќе поделат околу 10 милиони евра, тогаш кому навистина му одговараше да нема изборна реформа? Нашиот став е јасен – ако нема еднакви услови за сите политички субјекти, тогаш не треба да има платено рекламирање за никого. Или еднакви правила за сите, или јавни пари за никого“,
прашуваат оттаму.
Според нив, истекот на рокот не ја ослободува власта од одговорност, бидејќи нов закон може да се донесе и утре доколку постои вистинска политичка волја.
