Министерот за транспорт информира дека веќе е изработен и проект за стабилизација и санација на патот, за што најдоцна до следната недела очекува да биде избран изведувач
Проектот за санација на патот што води кон населбата Теферич во скопска Кисела Вода, кој распука во февруари годинава, ќе го преземе Владата преку Министерството за траснпорт, бидејќи проблематиката е далеку поголема од можностите и капацитетите кои ги имаат Општина Кисела Вода и Град Скопје.

Ова денеска го изјави министерот за транспорт Александар Николоски, прашан кога се очекува повторно пуштање во употреба на патот, кој и натаму е затворен за сообраќај.
„Случајот со патот кон Теферич е еден исклучително сериозен проблем, имајќи предвид дека се работи за едно сериозно свлечиште. Проблематиката е далеку поголема од можностите и капацитетите кои ги имаат Општина Кисела Вода и Град Скопје, па затоа премиерот Христијан Мицкоски реализираше една координација помеѓу Министерството за транспорт, Општината и Град Скопје, а овој вторник на владина седница донесовме одлука со која целокупниот прокет го презема Министерството за транспорт“,
изјави Николоски одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на општина Кисела Вода.
Министерот додаде дека веќе е изработен и проект за стабилизација и санација на патот.
„Очекувам во најскоро можно време, а тоа е не подоцна од следната недела, да биде објавен тендерот за избор на изведувач после кој некаде за месец, месец и половина откако ќе се избере, да почнеме да работиме на санација и пред почетокот на зимата таа санација да биде завршена“,
додаде тој.
Асфалтот на патот што води до населбата Теферич во Кисела Вода распука кон крајот на февруари годинава, по што сообраќајот на овој патен правец беше затворен на неопределено време.
Патот кон Теферич се асфалтираше и лани, откако во мај минатата година исто така распука. При тогашната санација патот беше затворен неколку месеци.
