Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се непознати, но околностите укажуваат дека се работи за човечки фактор
Охридските пожарникари со поддршка на доброволци и на локалното население го локализираа и изгаснаа пожарот што вчера избувна на падините на планината Петрино, над населбата Бараки во Охрид.

На терен е интервенирано со четири противпожарни возила и 17 пожарникари.
Во пожарот беа зафатени сува трева и деградирана борова шума. Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се непознати, но околностите укажуваат дека се работи за човечки фактор.
„Поради силината на ветерот имаше реална опасност пожарот да пристигне до поблиските објекти, меѓутоа благодарение на нашите пожарникари, месното население и останати доброволци, беа избегнати поголеми материјални штети. Апелираме граѓаните да се однесуваат совесно и одговорно, а надлежните институции да преземат мерки за пронаоѓање и санкционирање на предизвикувачите на пожари на отворено“,
велат од ТППЕ Охрид.
