Двете се стекнале со противправна имотна корист од околу 10,8 милиони денари, информира МВР
Две осомничени на возраст од 22 и 34 години од Куманово се уапсени и против нив е поднесена кривична пријава бидејќи, како што велат од МВР, постои основано сомнение дека измамиле 19 лица и во нивно име земале брзи кредити.
Против осомничената А.С.Д. е поднесена пријава за две кривични дела – измама и злоупотреба на лични податоци, а М.В. се сомничи за помагање.
„Првопријавената А.С.Д., со директна умисла и однапред создаден план, со намера за себе и за второпријавената М.В. да прибави противправна имотна корист, во период од јануари до јули 2026 година, во вкупно 19 наврати, со лажно прикажување и свесно прикривање на вистинските факти, довела и одржувала во заблуда 19 лица, така што без нивна согласност и овластувања, злоупотребувајќи и користејќи ги нивните лични податоци, во нивно име аплицирала за брзи потрошувачки кредити, а по одобрувањето и исплатата на парите, тие биле противправно присвојувани од страна на А.С.Д. и М.В. Второпријавената М.В., постапувајќи по претходен договор ѝ помогнала на А.С.Д. во извршувањето на кривичното дело преку преземање дејствија што овозможиле реализација на измамата,“
соопшти МВР.
Двете, како што информира МВР, се стекнале со противправна имотна корист од околу 10,8 милиони денари.
