Сали истакнал дека соработката меѓу Украина и земјите од Југоисточна Европа е од суштинско значење за зајакнување на регионалната стабилност, поддршка на обновата на Украина и изградба на побезбедна и пообединета Европа

Македонија останува цврсто посветена на поддршката на Украина за нејзиниот суверенитет, независност и територијален интегритет во согласност со меѓународното право. Ова е потврдил првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, кој денеска учествуваше на пленарната сесија на Самитот Украина – Југоисточна Европа, организиран по повод Денот на државноста на Украина.
Од Министерството за европски прашања велат оти Сали нагласил дека нашата држава од самиот почеток на руската агресија обезбедува политичка, хуманитарна, воена и техничка поддршка за Украина и ќе продолжи да го прави тоа во тесна координација со Европската Унија и евроатлантските партнери.
Осврнувајќи се на значењето на Самитот, Сали истакнал дека соработката меѓу Украина и земјите од Југоисточна Европа е од суштинско значење за зајакнување на регионалната стабилност, поддршка на обновата на Украина и изградба на побезбедна и пообединета Европа.
Тој посочил и дека Меморандумот за соработка меѓу институциите на двете земји претставува значајна основа за понатамошно продлабочување на партнерството и развој на конкретна соработка во поддршка на европската интеграција на Украина.
Тој повторил дека Северна Македонија ќе остане сигурен партнер и силен поддржувач на Украина во нејзините напори за мир, безбедност и членство во Европската Унија.
