Според податоците што ги презентираше Фрчкоски, фирмата „Маратон груп“, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, во рок од само две години добила договори вредни над 1,5 милиони евра

Антикорупцискиот тим на СДСМ (АКТ) денеска објави нови обвинувања за, како што велат, разработена тендерска шема преку која милионски суми завршуваат кај приватни компании блиски до власта. Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, на прес-конференција обелодени детали за договорите на фирмите „Маратон груп“ и „С.И.А. Медиа“ кои, според партијата, инкасирале над два милиони евра од државни институции и јавни претпријатија.
Според податоците што ги презентираше Фрчкоски, фирмата „Маратон груп“, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, во рок од само две години добила договори вредни над 1,5 милиони евра.
Договорите се склучувани со Државна лотарија, Државна видеолотарија, како и за внатрешно и надворешно рекламирање на автобусите на ЈСП „Скопје“.
Фрчкоски посочи дека додека ЈСП „Скопје“ се соочува со недостиг на нафта, делови и доцнење на платите, приватната фирма „Маратон“, која има само 11 вработени, во 2025 година остварила нето-профит од над 700 000 евра.
„Нема нови еколошки автобуси за скопјани, ама има 1,5 милиони евра за омилените фирми на власта“,
истакна Фрчкоски.
Од Антикорупцискиот тим на СДСМ тврдат дека скандалот се шири и кон бизнис-партнерите на сопственикот на „Маратон“, Љупчо Костовски.
Фрчкоски рече дека Ристо Петков, кој се јавува како поранешен соосновач во фирма заедно со Костовски, е сопственик на компанијата „С.И.А. МЕДИА ДООЕЛ Скопје“. Според партиските тврдења, оваа поврзана фирма по промената на власта склучила државни договори во вредност од 458 875 евра. Со ова, рече Фрчкоски, вкупната сума која завршила кај овие две поврзани претпријатија надминува два милиони евра.
За тоа кој го дозволува ова, Фрчкоски го посочи актуелниот генерален секретар на Владата, Игор Јанушев.
Партијата потсети дека Јанушев, во својство на поранешен директор на ЈСП „Скопје“, во 2017 година потпишал десетгодишен договор за рекламирање со фирмата на неговиот пријател Костовски.
Според Фрчкоски, Јанушев свесно го укинал маркетинг-секторот во ЈСП за претпријатието да не може самостојно да го продава својот рекламен простор, туку тоа да му се препушти на „Маратон“.
„Сега, пред истекот на овие 10 години, власта ги храни своите фирми пред повторно да им го продолжат договорот за нови 10, 15 или повеќе години, ќе видиме“,
обвинуваат од опозицијата.
Од Антикорупцискиот тим на СДСМ посочуваат дека досега имаат откриено скандали тешки над 150 милиони евра, но обвинителството и надлежните институции сè уште молчат и не преземаат ништо. Пораката на опозицијата е дека одговорност за секој денар со сигурност ќе има веднаш, „кога државата ќе им припадне на граѓаните повторно“.
