Одлуката на бугарскиот премиер Румен Радев демонстративно да го одбие учеството во француската „Коалиција на волјата“ и да издејствува отстранување на рускиот патријарх Кирил, Вагит Алекперов и Искандер Махмутов од европските санкции предизвика вистински политички земјотрес. Реакциите се дијаметрално спротивни – од сериозни обвинувања за меѓународна изолација на Бугарија, до триумфални поздрави од Москва.
Европската Унија целосно ги прифати резервите на Бугарија, со што од финалниот 21. пакет санкции против Русија беа отстранети рускиот патријарх Кирил, сопственикот на „Лукоил“ Вагит Алекперов и бизнисменот Искандер Махмутов. Ова го соопшти бугарскиот премиер Румен Радев на почетокот на денешната владина седница, нагласувајќи дека државата за првпат отворено и со подготвеност за вето го заштитила својот национален интерес во Брисел.
Бугарските барања беа прифатени по острите закани од Софија дека ќе го блокира целиот европски пакет санкции. Според премиерот Радев, не станува збор за персонални симпатии кон наведените лица, туку за прагматична заштита на клучните сектори во земјата, како што се енергетиката и транспортниот сектор.
Санкциите кон Кирил ќе ги радикализираат бугарските верници
На предлогот на ЕУ под санкции да биде поглаварот на Руската православна црква, Бугарија зазеде цврст став дека религијата не смее да се користи како инструмент за политички пресметки, особено во време на војна. Софија аргументираше дека санкциите против црковен лидер се опасен преседан кој само ќе го засили евроскептицизмот и радикализмот кај православните верници во Бугарија. Радев порача дека „времето на крстоносните војни е завршено“ и дека санкциите врз религијата нема да придонесат за мир.
Според дипломатски извори на „Политико“, Италија официјално ја поддржала Бугарија против санкциите за патријархот Кирил изразувајќи „резерва“ со објаснување дека санкционирањето на духовен лидер ги затвора сите преостанати канали за тајна дипломатија.
Позицијата на официјален Рим е под силно влијание на Ватикан, која смета дека Светата столица и другите медијатори мора да ја задржат можноста за комуникација со Руската православна црква за хуманитарни прашања, како што се размената на заробеници и на децата во воените зони.
„Лукоил“ битен за рафинеријата во Бургас, без Махмутов нема да работи Софиското метро
Радев се пофали дека Бугарија официјално успеала да ги издејствува и останатите две исклучувања кои ги бараше со цел да ја заштити стабилноста на Софиското метро и на рафинеријата во Бургас. Биле прифатени забелешките дека персоналните санкции кон сопственикот на „Лукоил“, Вагит Алекперов ќе ја блокираат работата на најголемата рафинерија на Балканот – „Лукоил Нефтохим Бургас“. Тоа би предизвикало недостиг на дизел и бензин на пазарот, колапс на цените и би ги загрозило тековните меѓународни арбитражни спорови што Бугарија ги води со компанијата.
Во однос на рускиот олигарх Искандер Махмутов кој е на чело на групацијата „Трансмашхолдинг“, Бугарија побара да биде изземен од санкции бидејќи овој холдинг е единствениот испорачувач на оригинални резервни делови за возовите на Софиското метро. Со неговото санкционирање, според бугарските власти, Софија немало да може законски да увезува делови за одржување, што директно би влијаело на загрозување безбедноста на патничкиот сообраќај во главниот град на Бугарија.
Радев: На Бугарија не ѝ е местото во Коалицијата на волјата
Покрај успехот со санкциите, бугарскиот премиер Радев даде објаснување и за потегот што официјална Софија го презеде во Париз, каде што демонстративно одби учество во неформалната „Коалиција на волјата“ за Украина, иницирана од францускиот претседател Емануел Макрон.
„Бугарската делегација беше во Париз во знак на почит кон францускиот претседател и кон нашиот сојузник Франција. Бидејќи верувам дека стратешкото будење, за кое стана збор во Париз, мора да започне со преговарачки напори за обновување на мирот во Европа и создавање нов, одржлив и ефективен систем за безбедност“, рече денеска Радев, кој вчера од Париз порача дека местото на Бугарија не е во Коалицијата на волјата.
„Ние не припаѓаме во формат кој инсистира на континуирана и неограничена воена и финансиска помош за Украина. Овој конфликт нема да заврши со воени дејствија, туку со силна дипломатија за деескалација и мир. Нашата земја веќе ги исцрпи своите капацитети за воена помош“, соопшти вчера Радев.
Тој порача дека сите одлуки кои се однесуваат на бугарската колективна безбедност се носат исклучиво во рамките на официјалните формати на ЕУ и НАТО, каде што Бугарија има свој рамноправен глас.

Москва задоволна, Париз разочаран, Киев со критика, а бугарската опозиција лута за антиевропските потези на Радев
Одлуката на бугарскиот премиер Румен Радев демонстративно да го одбие учеството во француската „Коалиција на волјата“ и да издејствува отстранување на рускиот патријарх Кирил, Вагит Алекперов и Искандер Махмутов од европските санкции предизвика вистински политички земјотрес. Реакциите се дијаметрално спротивни – од сериозни обвинувања за меѓународна изолација на Бугарија, до триумфални поздрави од Москва.
На бугарската политичка сцена, потегот на Радев наиде на жесток отпор од проевропските сили. Коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) излезе со остра осуда, обвинувајќи го премиерот дека „еднострано ја изолира земјата во ЕУ“ ѝ нанесува огромни долгорочни штети, а бугарските аналитичари сметаат дека Радев отворено ја враќа Бугарија во руската сфера на влијание.
Во Франција, иако официјалните дипломатски кругови се обидоа да го минимизираат скандалот потенцирајќи го сојузништвото во рамки на НАТО, аналитичарите коментираат дека одбивањето на Радев сред Париз е јавен дипломатски удар врз иницијативата на Емануел Макрон. Овој потег во францускиот печат се толкува како сериозно пробивање на единствениот европски фронт и јасно прикажување на внатрешните пукнатини во ЕУ.
Украинската државна новинска агенција „Укринформ“ експресно излезе со критички осврт, нотирајќи дека овој одделен потег дополнително ја оддалечува Бугарија од мнозинството држави во ЕУ кои цврсто ја поддржуваат Украина. Киев потсети дека Радев уште од претходно континуирано се противеше на испраќањето воена помош.
За разлика од нив, руските државни медиуми како ТАСС, РИА Новости и „Известија“ ја прикажаа веста како триумфална. Насловите во рускиот печат се фокусираа на пораката дека европскиот фронт има сè повеќе пукнатини, додека руските аналитичари ги акцентираат зборовите на бугарскиот премиер дека војната не се решава со оружје, туку со дипломатија, користејќи ги како доказ дека европското единство околу санкциите почнува сериозно да попушта.
