„Фокусирани сме да го испорачаме она што граѓаните го очекуваат од нас, но, се разбира, доколку сме предизвикани, тие се тука, подготвени сме да одговориме на тој предизвик“, вели премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата има мандат до 2028 година, но, доколку бидат предизвикани, подготвени се да одат и на предвремени избори.
„Опозицијата е оптоварена бидејќи честопати кај нив работи Фројд, и тоа кај нив е најголем проблем во моментот. Мојот став е јасен – оваа влада има мандат до пролетта 2028 година. Ние сме фокусирани на тој мандат, да го испорачаме она што граѓаните го очекуваат од нас, вклучително и вакви капитални проекти. Но, се разбира, доколку сме предизвикани, тие се тука, подготвени сме да одговориме на тој предизвик“,
рече Мицкоски во изјава за медиумите при денешната посета на Општина Сарај, каде што изврши увид во активностите за регулација на коритото на Сува Река.
Во однос на постапката за распишување нови избори за градоначалник на Општина Брвеница по неодамнешната ненадејна смрт на Јовица Илиевски, премиерот кажа дека Владата донела заклучок кој треба да го помине и собранискиот филтер.
„Мислам дека до крајот на месецов треба да се донесе заклучок за отпочнување на постапката. Ние како влада го донесовме тој заклучок, го испративме до парламент. Мислам дека парламентот треба овој месец, полека но сигурно да ги распише изборите и таму некаде, во октомври, да се случат тие избори“,
вели Мицкоски.
