Министерот за европски прашања ќе учествува на пленарната сесија на Самитот, каде што се очекува да ја реафирмира подготвеноста на земјава да продолжи со поддршката за Украина
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали утринава пристигна во Киев, каде што ќе учествува на Самитот Украина – Југоисточна Европа, кој се одржува по повод Денот на државноста на Украина.

По пристигнувањето на железничката станица во Киев, Сали беше пречекан од заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Олександр Мишченко, македонскиот амбасадор во Украина, Димитар Блажевски, како и од претставници на украинското Министерство за надворешни работи.
„Учеството на првиот вицепремиер на Владата на овој Самит претставува потврда на континуираната поддршка на Република Северна Македонија за Украина, нејзиниот суверенитет, независност и територијален интегритет, како и за нејзината европска перспектива. Самитот ги обединува лидерите и високите претставници од Украина и земјите од Југоисточна Европа, со фокус на зајакнување на регионалната соработка, поддршката за Украина и унапредувањето на нејзината европска агенда“,
информираат од Министерството за европски прашања.
