Од опозициската партија порачуваат дека премиерот кој ги нарекува граѓаните глодари и талог приредува само евтин театар за да го ублажи падот на личниот рејтинг
Христијан Мицкоски смета дека едно срамно и изнудено „извинете“, изговорено во празна собраниска сала, може да ги измие сите досегашни навреди упатени кон граѓаните, реагираат денеска преку соопштение од опозициската СДСМ за вчерашните случувања во Собранието.

Оттаму велат дека ваквиот обид за релативизирање на скандалите е целосно неприфатлив и кажаа оти премиерот не може да ги нарекува граѓаните глодари, талог на општеството, медиокритет и мекотели, за потоа заедно со Иван Стоилковиќ да пцујат пратеници во законодавниот дом.
„Вакво однесување на еден премиер досега не е видено во ниту една нормална држава. Спуштањето на ова ниво не може да се оправда со ништо, а најмалку со губењето на поддршката од граѓаните и со падот на личниот рејтинг, кој, пак, самиот си го предизвика со своите секојдневни лаги“,
реагираат од СДСМ.
Дополнително, од СДСМ велат оти Мицкоски всушност воопшто и не им се извинил на граѓаните за вчерашните настани, туку само се обидел да прикаже оти им се извинува на пратениците во момент кога салата била празна со единствена цел да создаде лажен привид на исправка.
„Но, граѓаните не се наивни. Вистинското извинување значи признавање на грешката, а досега од Мицкоски видовме само театар. Граѓаните заслужуваат почит, а не навреди од премиерот на државата“,
велат од СДСМ.
