Во врска со случајот, опозицискиот СДСМ пред неколку дена обвини дека лицето А.Л. викано Цуната побегнало од Полициската станица во Кочани, каде шо било приведено поради трговија со дрога
Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека е распишана меѓународна потерница по лицето за кое опозицискиот СДСМ пред неколку дена обвини дека побегнало од Полициската станица во Кочани, каде шо било приведено поради трговија со дрога.

Од МВР информираат дека се работи за лицето Александар Лазаров (41) од Кочани, осомничено за кривично дело по член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Лазаров Александар (41) од Кочани од татко Методи и мајка Даринка. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање од Основен суд Кочани за сторено кривично дело по член 215 став 1 вв.член 22 од Кривичниот законик“,
се наведува во информацијата на МВР.
Опозицискиот СДСМ пред неколку дена обвини за сериозни пропусти во Полициската станица во Кочани, откако лице приведено за трговија со дрога успеало да избега од овој полициски објект. Преку партиско соопштение, оттаму посочија дека се работи за наркодилерот А.Л. викан Цуната, за кој наведуваат дека се поврзува и со дискотеката „Пулс“ во Кочани. Од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски побараа да каже кој е одговорен за случајот, како и да се утврди дали имало пропусти или злоупотреби при постапувањето на полициските службеници.
