Спасен е постар граѓанин кој доцна синоќа се упатил кон Студенчишко Блато, инаку исклучително тежок терен за пребарување. Лицето е неповредено
Доцна синоќа во Охрид, повозрасно лице се оддалечило во правец на Студенчишко Блато. Во потрага тргнале семејството, пожарникарската единица и планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.
Тешкиот терен, по првпат, се пребарувал со беспилотно летало со термална камера.
Фотографија од набљудување на терен со термална камера, фото: Црвен крст – Охрид
„Вчера во 21:40 часот Оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид прими повик за потрага по повозрасен сограѓанин кој, од засега непознати причини, се упатил кон Студенчишкото Блато. Поради исклучително тешките услови на теренот – густа вегетација, кал и ноќни услови – во акцијата по првпат беше употребено специјализираното беспилотно летало DJI Mavic 3T, опремено со термална камера“,
Опремата, велат понатаму во своето соопштение од Црвениот крст, има повеќе намени.
„Оваа современа опрема, која неодамна ја набави Црвениот крст Охрид, е наменета за операции за пребарување и спасување изгубени и исчезнати лица на тешко пристапни терени, како и за откривање активни жаришта при шумски пожари на непристапни планински подрачја, кои тешко можат да се забележат со голо око.“
Фотографија од набљудување на терен со термална камера, фото: Црвен крст – Охрид
Дронот, соопштија од организацијата, е купен со финансиска поддршка од Фондот за природа Преспа-Охрид (Prespa Ohrid Nature Trust – PONT), во рамките на проект што Црвениот крст Охрид го спроведува во партнерство со „Урсус спелеос“ – Скопје и Националниот парк „Галичица“, а кој е насочен кон намалување на последиците од климатските промени и јакнење на капацитетите за одговор при природни непогоди.
Акцијата била успешно завршена во 23:15 часот со пронаоѓање на лицето, кое за среќа не било повредено.