Ниту со „врски“, отворено зборува девојка од Куманово, не успеала да најде место во „Бардовци“ за родителот кој има дијагнози на психички растројства, е алкохоличар и според нејзините зборови врши различни форми на насилство над трите жени и болно момче со кои живее под ист кров
Дури по вчерашниот јавен настап на „Инстаграм“ и денешните текстовите по медумите, неофицијално е најдено решение пациентот да се смести во болницата во Демир Хисар, јави „Слободен печат“
Не барам никој да ме сожалува, туку помош од институциите. Така, парафразирано, почнува емотивното обраќање на млада жена од Куманово објавено вчера, која се решила на социјалната мрежа, пред цела јавност, да ги изложи проблемите со кои се соочува нејзиното семејство. Причината е едноставна – институциите не реагирале задоволнително на нејзиниот проблем.

„Живеам со родител којшто константно е во алкохолизирана состојба, со дијагноза на ментални растројства, којшто уште во 2019 година има лежено во Психијатриска болница во Скопје. Во октомври во оваа година има лежено во Бардовци и имаме обиди уште многу пати да се хоспитализира меѓутоа неуспешно, со тоа што секогаш добиваме одговор дека нема место или дека не е доволно сериозна ситуацијата“,
вели девојката во видео обраќањето.
Не мора да бидеме убиени, силувани или ранети за некој да не слушне, продолжува таа во обраќањето, потсетувајќи дека само домашните знаат колку е сериозна ситуацијата.
„Ние сме три жени (ќерка, мајка и баба) кои живееме со човек којшто постојано ни прети дека ќе не убие, којшто има обиди и за самоубиство и за убиство спрема нас. Денеска повикавме полиција и ако ви кажам дака сме цел ден по сите институции, дека сите не одбиваат, дека никој не сака да го прими во ниту една психијатриска установа и дека никој не се јавува на телефон ниту во Бардовци, ни во Демир Хисар, дека не функционираат никакви врски и дури е жалосно да кажам дека ми се потребни врски за да некој биде сместен во ментална установа. Јас не знам во кој век живееме, меѓутоа овоа лудило и оваа агонија мора да престане. Имам брат со церебрална парализа којшто живее со нас и сите овие трауми ги има преживеано“
вели девојката.
Во остатокот на обраќањето, девојката објаснува дека се обиделе да се разделат од агресивниот родител. Тој, своеволно, одбивал да потпише развод и одбива да ја напушти куќата во која живеат. Останатите членови на семејството, пак, немаат доволно пари за да почнат независен живот во објект кој ќе има доволно широк влез за количката на членот на семејството со церебрална парализа.
Бардовци се реновира
Редакцијата на „Слободен печат“ веќе се обрати до Психијатриската болница „Бардовци“. Директорот, Иса Абдулаи, им одговорил дека немаат место бидејќи се реновира урегентното одделение на болницата.
Како што пренесе медиумот, вчера, според зборови на Абдулаи, му се јавил и некој од Владата да побара хоспитализација за истиот човек. Директорот и нему му дал негативен одговор бидејќи навистина нема слободно место за нови хоспитализации.
Прием во Демир Хисар
Предмалку, истиот медиум објави дека добиле неофицијална информација оти пациентот се транспортира од кумановската болница во психијатриската установа во Демир Хисар. Транспортот е организиран со полициска придружба, сестра и комбе од болницата.
Најавата за хоспитализација доаѓа еден ден по јавното објавување на видеото и релативно брзо откако медиумите почнаа да известуваат на темата.
