Поради непристапноста на теренот од страната на Матка, спасувачките екипи до локацијата пристапија преку повеќенаменското подрачје „Јасен“
Лицето е пронајдено утрово во 3:45 часот. Иако било видно вознемирено и дезориентирано, се наоѓало во стабилна здравствена состојба
Романски државјанин, кој се изгубил при движење во реонот на Матка, во близина на пештерата Врело, ноќеска било успешно пронајден по координирана акција на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што информира ЦУК, во 21:55 часот преку единствениот повикувачки број за итни случаи 112 бил примен повик од странскиот државјанин, кој се изгубил на подрачјето на Општина Сарај.
По приемот на пријавата, ЦУК ги известил Министерството за внатрешни работи (МВР), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Црвениот крст, а преку постојана комуникација со лицето операторите успеале да ја утврдат неговата приближна локација врз основа на координатите и податоците од повикот.
Информациите потоа биле доставени до полициските служби за побрзо лоцирање.
На изгубениот државјанин му било укажано да остане на местото каде што се наоѓа бидејќи поради темнината, непристапниот терен и дезориентацијата тоа е најбезбедното решение што воедно ја олеснило потрагата.
Од МВР веднаш била организирана теренска акција во координација со ЦУК.
Поради непристапноста на теренот од страната на Матка, спасувачките екипи до локацијата пристапиле преку повеќенаменското подрачје „Јасен“.
Во потрагата со теренско возило се вклучил и директорот на ЦУК, Мухамед Али.
„Лицето е пронајдено утрово во 3:45 часот. Иако било видно вознемирено и дезориентирано, се наоѓало во стабилна здравствена состојба“,
се вели во соопштението од ЦУК.
По спасувањето било пренесено во Полициската станица Сарај, каде што МВР презема понатамошни мерки согласно своите надлежности, имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин.
