„Кој дозволи да побегне преку прозор од полициска станица Кочани, или пак некој го пушти? Зошто наркодилерот не бил чуван во просториите за задржување? Доколку Обвинителството навистина подготвувало предлог за определување мерка притвор, тогаш овој случај е уште посериозен и бара итна и темелна истрага“, прашуваат оттаму
Според партијата, потребна е итна истрага и утврдување одговорност кај сите инволвирани службени лица, вклучително и кај раководството на ОВР Кочани
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска обвинија за сериозни пропусти во Полициската станица во Кочани, откако лице приведено за трговија со дрога успеало да избега од овој полициски објект.

Преку партиско соопштение, оттаму бараат министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да одговори кој е одговорен за случајот и да се утврди дали имало пропусти или злоупотреби при постапувањето на полициските службеници.
„Скандалот во Полициската станица во Кочани отвора сериозни сомнежи за тешки пропусти, злоупотреби и спрега на ВМРО со криминалци. Лице приведено за трговија со дрога избегало од полициска станица во Кочани. Панче Тошковски не смее да молчи. Јавноста има право да знае: Кој е одговорен за овој скандал? Дали има грижа на совест што го пушти да избега наркодилерот А.Л. викан Цуната, кој се поврзува и со дискотеката ‘Пулс‘ во Кочани?“,
се вели во партиската реакција.
Од партијата бараат одговори и за околностите под кои приведеното лице успеало да избега од полициската станица, поставувајќи прашања дали биле направени пропусти при неговото обезбедување и зошто не било сместено во просториите за задржување.
„Кој дозволи да побегне преку прозор од полициска станица Кочани, или пак некој го пушти? Зошто наркодилерот не бил чуван во просториите за задржување? Доколку Обвинителството навистина подготвувало предлог за определување мерка притвор, тогаш овој случај е уште посериозен и бара итна и темелна истрага“,
додаваат од опозицијата.
Воедно, бараат да се испитаат евентуални поврзаности на лицето со началникот на Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кочани Тоше Стојанов и со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков, посочувајќи дека случајот бара целосно расчистување.
„Дали началникот на ОВР Кочани, Тоше Стојанов, е во бизнис со наркодилерот викан Цуната? Каква е поврзаноста со пратеникот на ВМРО Миле Лефков, кој има слики со него?“,
прашуваат од партијата.
Според СДСМ, потребна е итна истрага и утврдување одговорност кај сите инволвирани службени лица, вклучително и кај раководството на ОВР Кочани.
Во реакцијата, од партијата оценија и дека по две години од мандатот на Тошковски, Министерството за внатрешни работи (МВР) се соочува со низа скандали, што ја нарушува довербата во институциите.
