Ова се дел од аргументите на премиерот на темата евроинтеграции, по посетата на еврокомесарката за проширување Марта Кос и денешната прес-конференција на лидерот на опозицијата, Венко Филипче
Првиот човек на СДСМ обвини дека Македонија е заглавена во евроинтеграциите поради личната немоќ на Христијан Мицкоски да се справи со прашањето
Не е сегашната власт, туку сегашната опозиција е таа која ја доведе Македонија во состојбата во која се наоѓа, кога е во прашање интеграцијата во Европската Унија. Така изјави премиерот Христијан Мицкоски на новинарски прашања на темата, при неговата денешна посета на Охрид.

„Опозицијата е таа која ја доведе Македонија во оваа состојба, прифајќи предлог којшто првично не успеа да го испорача, а второ предлог којшто е тотално асиметричен споредено со националните интереси на граѓаните и државата. Јас единствено чувствувам одговорност пред граѓаните. Граѓаните во овој момент ја даваат подршката на политиките коишто ги води оваа влада, а политиките на оваа влада се да испорача тоа што може да го испорача. И тоа го испорачавме и покажавме и во декемврскиот извештај, ќе го покажеме повторно и во јунскиот извештај дека ние сме во суштина најнапредната држава во регионот кога станува збор за испорака на реформи“,
изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Реформите и извештаите на кои се реферираше премиерот се однесуваат на т.н. План за раст. Тоа е систем на задачи кои Брисел ги усогласи со сите земји кандидатки, при што исполнувањето на задачите носи финансиска поддршка за земјата кандидат. При последниот извештај, Македонија беше оценета како најдобра за последните шест месеци меѓу земјите од Западен Балкан. Но, од почетокот на процесот, заостанува по вкупниот број завршени реформи споредено со Црна Гора и Албанија.
Мицкоски, говорејќи пред новинарите во Охрид, појасни што смета за реформа на патот кон ЕУ.
„За мене промена на Устав и прифаќање на тоа што прифатила претходната влада не е реформа. Нашиот став е јасен и прецизен. Граѓаните од лидерството на македонската влада очекуваат да го заштити македонскиот нацонален идентитет. Ние тоа го правиме. И нема цена по којашто ние може да направиме безусловни отстапки. Ние може да се договараме, може да разговараме, бараме решение, конструктивни сме и така ќе продолжиме и понатаму, но безусловно јас потпис да ставам на нешто што прифатила претходната влада или т.н. капитулација, додека сум јас тоа што сум, тоа нема да го направам“,
изјави Мицкоски.
Дали неговиот пристап е погрешен или исправен, додаде, ќе ценат гласачите.
„На крајот на денот, ќе дојдат избори и граѓаните ќе го кажат својот избор. Ако сметаат дека сум погрешил, ќе гласаат за спротивната политичка опција, ние ќе заминеме во опозиција. Јас ќе заминам од политиката, ќе дојдат некои нови лидерства. Но, мислам дека народот е уморен од национални отстапки без да има било какви гаранции за исполнување на конечната цел и народот е изморен и исфрустриран од континуираните ветувања и неисполнети надежи коишто се случуваа изминатите години и децении“,
изјави премиерот Христијан Мицкоски.
