Според лидерот на опозицијата, Македонија пропушта можност да го искористи расположението за проширување во ЕУ. Наместо тоа, земјата се изолира и останува под влијание на фактори кои не сакаат регионот да се интегрира во ЕУ
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, денеска одржа прес-конференција во партиското седиште. Главната тема на настапот беа напорите на земјата за членството во ЕУ, односно недостатокот од такви напори според визурата на лидерот на СДСМ.
Уште на почетокот на настанот, констатира дека земјава не постои за Брисел.

„По најавата за таканаречениот супервторник, кој е следниот вторник, на 14 јули, ќе се одржат повеќе меѓувладини конференции за четири земји, очигледно идните земји-членки, а сега кандидати за членство во Европската Унија. Ќе се отворат кластери за преговори за Украина и за Молдавија, ќе се затворат повеќе поглавја, две односно три за Црна Гора и Албанија. Со конкретни чекори Европската Унија кажува дека проширувањето е високо на листата на приоритети во нивната агенда. Вчера и од Европската Унија стигна доказ дека ние не постоиме на европската агенда. Очигледно е дека, благодарение на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ние на тој пат повеќе не сме“,
изјави Филипче.
Според Филипче, земјава пропушта голема можност во време кога постои силна поддршка за проширувањето на Европската Унија.
„За време на последната посета на еврокомисарката Марта Кос, која јасно, гласно, недвосмислено кажа дека треба Македонија јасно да каже дали останува на европскиот пат, очигледно е дека благодарение на премиерот Христијан Мицковски и ВМРО, ние на тој пат повеќе не сме. Наместо да се спроведуваат реформите, наместо да се чекори напред кон Европската Унија, сега, кога очигледно вратите се отворени како никогаш досега, ние остануваме на страна“,
рече Филипче.
Според лидерот на СДСМ, главната причина што земјава не напредува на патот кон е ЕУ, е премиерот.
„Очигледно е дека сме заложници на личната немоќ на премиерот Мицкоски да се справи со ова најважно прашање за нашата иднина, за иднината на граѓаните на Македонија, а тоа е членството во Европската Унија. Заложници сме на неговата некапацитетност да изгради државна стратегија за тоа како ќе станеме земја членка на Европската Унија. Заложници сме на лагите со кои тој дојде на власт и сега со истите лаги останува на власт. Тоа што не ни бега и што е очигледна иднина на оваа држава, која во овој момент ја води Христијан Мицкоски, е очигледната изолација“,
рече Филипче.
Како последица на закочените евроинтеграции, според Филипче, земјава се движи кон политичка и економска изолација. Со тоа, останува и под влијание на други земји кои немаат интерес регионот и Македонија да се интегрираат во Европа.
Тој додаде дека со ваквите политики на Мицкоски државата се движи кон политичка и економска изолација.
