Премиерот порача дека владејачкото мнозинство ќе го прифати секој предлог, од една изборна единица до отстапување на дел од парите за кампања на опозициските партии
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и денеска ја потврди позицијата во однос на Изборниот законик, нагласувајќи дека владејачкото мнозинство е подготвено да ги прифати сите барања на опозицијата, но оти клучниот проблем лежи во неможноста на опозициските партии да изградат единствен став за да се постигне елементарен договор во Собранието.

Според него, овој документ е темел за фер и демократски избори и мора да ги содржи препораките на ОБСЕ/ОДИХР, поради што фокусот е ставен на надминување на блокадите. Воедно, рече и оти на СДСМ, Левица и ДУИ им било предложено самите во Парламентот да состават и договорат заеднички текст кој потоа без резерва ќе биде поддржан од власта.
„Велеа – сакаме една изборна едница, ние велиме прифаќаме бланко, договорете се, прифаќаме една изборна единица. Тоа е прво, второ им требале повеќе средства за финансирање на кампањата, еве и тоа им прифаќаме, нема проблем, ние ќе се откажеме од нашиот дел делумно и тоа ќе го префрлиме кај опозициските партии. Начинот на гласање, како тие ќе одлучат – тоа ќе им го прифатиме“,
рече Мицкоски.
Премиерот упати остри критики до опозицискиот блок и до партијата Левица, обвинувајќи ги за пласирање лаги и конструкции во јавноста бидејќи, како што кажа, однесувањето на Левица е само обид за дефокусирање и оправдување пред сопственото гласачко тело затоа што нивните претставници претходно уредно учествувале во преговорите и се договарале за решенијата.
„И затоа што сега во суштина не изгледа Робеспјер, како што тие кажуваат, туку парите се проблем. Тоа е суштината“,
заклучи премиерот.
