Според министерката Jаневска, старосната граница се воведува поради случаи во кои студенти со години останувале во домовите преку презапишување на студиските години користејќи ги поволностите за сместување
Втората измена предвидува санкции за студенти што ќе направат потешки повреди на куќниот ред, како оштетување на инвентарот, консумирање алкохол или недозволени супстанции, како и агресивно, насилно, дискриминаторско или друго недолично однесување што ги загрозува безбедноста и нормалното функционирање на домовите. Забраната за сместување ќе се изрекува во траење од една до пет години, во зависност од тежината на прекршокот
Студентите ќе можат да аплицираат за сместување во студентски дом најдоцна до 30-годишна возраст, а за потешки прекршувања на куќниот ред ќе им биде изрекувана забрана за сместување во траење од една до пет години. Ова се дел од предложените измени на Законот за студентскиот стандард, кои се во собраниска процедура, информира денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Очекува законските измени да бидат усвоени во текот на овој месец.

Јаневска посочи дека старосната граница се воведува поради случаи во кои студенти со години останувале во домовите преку презапишување на студиските години користејќи ги поволностите за сместување.
„Откриени се студенти што законски наоѓаат начин со години да ги користат услугите на студентските домови и за 3 400 денари месечно да живеат со покриени трошоци за сместување, храна, вода, струја и други потреби. Едноставно, презапишуваат години на факултет и добиваат услуги во дом. Тоа го спречуваме и воведуваме максимална старосна граница на студент што аплицира за сместување во дом да биде возраст од 30 години“,
рече таа.
Втората измена предвидува санкции за студенти што ќе направат потешки повреди на куќниот ред, како оштетување на инвентарот, консумирање алкохол или недозволени супстанции, како и агресивно, насилно, дискриминаторско или друго недолично однесување што ја загрозува безбедноста и нормалното функционирање на домовите.
Забраната за сместување ќе се изрекува во траење од една до пет години, во зависност од тежината на прекршокот.
Во тек се, како што кажа, значајни инвестиции во студентските домови, при што домовите „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје се реконструираат според европски стандарди и се очекува работите да завршат до октомври.
„Објектите на ‘Стив‘ и ‘Кузман‘ стануваат модерни и енергетски ефикасни. Ќе бидат прекрасни и јас очекувам младите да го ценат тоа и да ги чуваат за да може што повеќе генерации да ги користат. Овие две одредби се за подигање на безбедноста во домовите и тоа е основано врз аргументи што ние сме ги добиле од самите домови“,
вели министерката.
Јаневска посочи и дека ревизиите покажале сериозни разлики во управувањето со студентските домови, а за дел од директорите биле утврдени неправилности.
„Ревизијата за работењето на одредени директори содржи сериозни забелешки и тие ќе бидат пријавени до надлежните институции. Имаме многу успешни домови, кои имаат и резерва, а не само да платат струја, да обезбедат храна и да го одржуваат домот, и имаме домови во кои ќе се случи да се исклучи струјата“,
додаде Јаневска.
Во однос на студентскиот дом во Охрид, каде што има проблеми со снабдувањето со електрична енергија, најави избор на нов директор и мерки за сервисирање на долговите, додека студентите ќе бидат сместени на друга локација согласно владина одлука.
„МОН ќе направи сè да ги доведе домовите до нула, но не е сè до МОН. Министерството за образование и наука има одредени ингеренции, но ги нема сите ингеренции ниту над домовите ниту над училиштата. Затоа таму постојат директори, управни одбори и училишни и надзорни одбори. Ќе си ја преземат одговорноста тие што ги воделе домовите“,
рече таа.
Посочи дека со финансиска рамка од 86 милиони евра, обезбедени од Европската Унија, Германската развојна банка и државата, ќе бидат реконструирани девет државни студентски дома и девет ресурсни центри за деца со попреченост.
МОН паралелно работи и на воведување нови стипендии, проширување на субвенционираниот студентски оброк и доделување ваучери, со цел подобрување на студентскиот стандард и задржување на младите во земјата.
