Според локалната самоуправа, целта е да се спречи вандализмот и да се зачува јавниот имот
Оттаму додаваат дека проектот ќе се спроведе согласно законските процедури, со целосно почитување на прописите за заштита на личните податоци

Општина Аеродром соопшти дека започнува постапка за воспоставување систем за видеонадзор на детските и спортските игралишта, како и во парковите. На вчерашната седница на Советот, информираат оттаму, бил усвоен предлогот за отпочнување на постапката.
Според локалната самоуправа, целта е да се спречи вандализмот и да се зачува јавниот имот.
„Секое искршено игралиште претставува загуба за сите граѓани, а најмногу за најмладите. Затоа, покрај реконструкцијата и обновата на спортските и детските игралишта, Општина Аеродром презема конкретни чекори за нивна трајна заштита. Целта е да се спречи вандализмот и да се зачува јавниот имот“,
велат од Општината.
Оттаму додаваат дека проектот ќе се спроведе согласно законските процедури, со целосно почитување на прописите за заштита на личните податоци.
„Новиот систем за видеонадзор ќе придонесе за спречување на вандализмот, заштита на општинскиот имот и урбаната опрема, зачувување на парковите и игралиштата, како и поддршка на надлежните институции во откривањето сторители на казниви дела. Истовремено, ќе овозможи поголем јавен ред, повисоко ниво на безбедност и подобра заштита на јавната инфраструктура“,
се вели во соопштението.
