Причините за високите цени, како што велат оттаму, се поврзани со влијанието на големиот градежен бизнис врз институциите, како и со коруптивни практики при урбанистичкото планирање и издавањето дозволи
Од партијата предлагаат државата преку Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор (ЈПССДП) да започне со масовна изградба на станови и да се вклучи како активен учесник на пазарот
Оттаму повикуваат и на засилени контроли од страна на Обвинителството, Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и градежните инспекторати, со цел да се провери потеклото на средствата во градежниот сектор и да се спречи нелегалното урбанистичко градење
Цените на становите во Скопје во вториот квартал од годинава пораснаa за дополнителни 13,3 отсто на годишно ниво, покажуваат најновите податоци на Народната банка, соопштија денеска од партијата Левица.

Оттаму посочуваат дека трендот на зголемување на цените на недвижностите продолжува со забрзано темпо, додека институциите не преземаат мерки за заштита на граѓаните.
„Ситуацијата се случува во реалност во која македонскиот работник е официјално најниско платениот работник во цела Европа, со убедливо најниска минимална и најниска просечна плата на континентот. Како може еден обичен човек, кој работи за трошки, да си дозволи сопствен дом?“,
прашуваат од партијата.
Според Левица, во услови кога во државата има континуиран пад на индустриското и на земјоделското производство, а цените на недвижностите одат во плафон, граѓаните се соочуваат со се поголеми тешкотии за купување стан.
Причините за високите цени, како што велат оттаму, се поврзани со влијанието на големиот градежен бизнис врз институциите, како и со коруптивни практики при урбанистичкото планирање и издавањето дозволи.
„Зошто е ова вака? Сведоци сме на јавна тајна која сите ја знаат, луѓето на клучните позиции во институциите задолжени за оваа индустрија се во директни, тесни врски со големиот градежен бизнис. И во таков сетап, на дело имаме криминални и коруптивни дилови под маса. Се местат детални урбанистички планови, се купуваат дозволи во четири очи и намерно се држи монопол на пазарот, за профитот да оди кај неколку моќници“,
се вели во партиското соопштение.
Од партијата предлагаат државата преку Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор (ЈПССДП) да започне со масовна изградба на станови и да се вклучи како активен учесник на пазарот.
„Единствено и итно решение за овој хаос е Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор да престане да биде партиски центар за вработување и да почне масовно да гради станови! Државата мора да влезе како главен играч на пазарот и со реални, нормални цени на државните станови да го принуди приватниот сектор да ги спушти цените на земја“,
соопштија од Левица.
Оттаму повикуваат и на засилени контроли од страна на Обвинителството, Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и градежните инспекторати, со цел да се провери потеклото на средствата во градежниот сектор и да се спречи нелегалното урбанистичко градење.
„Потребна е жестока контрола на потеклото на парите во градежништвото, чистење на корупцијата во инспекциите и крај за неконтролираното урбанистичко дивеење“,
велат од партијата.
Според Левица, тврдењата на власта за раст на животниот стандард не ја одразуваат реалноста со која се соочуваат граѓаните, посочувајќи дека цените на становите по квадратен метар достигнале нивоа повисоки од оние во некои развиени европски земји, каде платите се значително повисоки.
„И секогаш кога власта ќе сака да аргументира со некакви измислени приказни дека животниот стандард расте, а всушност, на народот му е доволно да погледне во сопствениот празен џеб и да ги види цените по метар квадратен кои станаа повисоки од оние во развиените европски земји со десеткратно поголеми плати од нашите“,
се вели во партиското соопштение.
Левица оценува дека со сегашните состојби граѓаните се соочуваат со избор меѓу вечен кираџиски живот или иселување, и бараат државата да преземе мерки за обезбедување подостапно домување.
„На профитерските пазарлаци со правото на дом мора да им се стави крај и државата мора конечно да ги преземе конците во свои раце за доброто на сопствениот народ!“,
додаваат оттаму.
