Една третина од Американците рекле дека нема да се вакцинираат против ковид, дури и ако вакцината е широко достапна и со ниска цена.
Директорот на американскиот Национален институт за алергии и заразни болести д-р Ентони Фаучи смета дека има мала веројатност во САД да се постигне т.н. имунитет на стадо за да се победи епидемијата со коронавирусот.
Во интервју за Си-ен-ен, Фаучи вели дека причина за тоа е што голем број Американци одбиваат да се вакцинираат против ковид-19, поради што заштитата нема да биде целосна.
И податоците од анкетата на Си-ен-ен од минатиот месец се поклопуваат со оние на Фаучи дека една третина од Американците рекле дека нема да се вакцинираат против ковид, дури и ако вакцината е широко достапна и со ниска цена.
„Најдобар успех што досега сме постигнале досега е кај сипаниците, со ефикасност на заштита од 97 до 98 проценти“,
рече Фаучи, додавајќи дека во случајот со ковид-19 тоа веројатно не е возможно.
Во моментов во САД со поддршка на владата, се прават клинички тестирања на три вакцини против коронавирус кои се очекува да завршат во наредните три месеци.
Она што е најголема пречка во стекнувањето имунитет на стадо според Фаучи е што „кај некои луѓе во земјата постои општо анти-научно, антиваксерско чувство“, што според него е алармантно висок процент на луѓе.
Тој смета дека со оглед на моќта на движењето против вакцините, треба се да направи многу за едуцирање на луѓето за вистината за вакцините.
„Нема да биде лесно. Секој кој смета дека ќе биде лесно, не се соочува со реалноста. Всушност ќе биде многу тешко“,
вели Фаучи.
Додека не се појави вакцина, клучен елемент за контролирање на вирусот е лоцирање на контактите и изолирање и на заразените и на нивните контакти, вели Фаучи и признава дека САД досега не ја спроведуваат добро оваа мерка.
„Ако прашате во која било заедница како се одвива трагањето по контактите, ќе заклучите дека тоа не дава резултат затоа што тоа го правите преку телефон. Педесет проценти од луѓето дури и не сакаат да разговараат со вас “,
рече тој.
Тој препорачува надлежните да излезат на терен и да ги анкетираат луѓето, наместо по контактите да трагаат преку телефон.
Што е имунитет на стадо?
Имунитет на стадо е кога доволен дел од популацијата е имун на заразно заболување, било преку претходна болест или вакцинација, така што тоа веќе не може да се шири од лице на лице.