Некои од жртвите се пронајдени во возила кои биле зафатени од пламенот, јавуваат светските медиуми
Најмалку 12 лица загинаа, а шест се повредени во шумски пожар во Лос Гаљардос во југоисточната шпанска покраина Алмерија.
Некои од жртвите се пронајдени во возила кои биле зафатени од пламенот. Сведоци велат дека пожарот бил предизвикан од паднат далновод, а пожарот брзо се проширил во блиската пошумена област. Властите не ја потврдија причината за пожарот.
Шефот на регионалната влада, Хуанма Морено, ги нарече смртните случаи „трагедија“.
Околу 150 пожарникари работеа на гаснење на пожарот во селцето наречено Бедар. Меѓу повредените беше едно лице кое беше однесено во болница поради вдишување чад, а друго кое претрпе изгореници. Четири лица биле згрижени на местото на настанот поради помали изгореници и респираторни проблеми предизвикани од силниот чад.
Пожарот, истотака, доведе до затворање на патиштата, додека 1 000 жители беа евакуирани, според службите за итни случаи.
Премиерот Педро Санчез во мај изјави дека годинава Шпанија ќе го даде својот, досега најголем, летен одговор на пожари.

Постојан топлотен бран со температури од околу 40 степени Целзиусови предизвика шумски пожари низ јужна Европа.
Стотици пожарникари се борат со големи инциденти во Франција, Португалија и Шпанија, а илјадници се принудени да ги напуштат своите домови, јавува „Би-би-си“.
Во јуни, Шпанија го достигна својот највисок дневен просек од 1950 година и имаше денови кога ги забележа своите највисоки температури досега за тој месец. Во некои делови од земјата беа прогнозирани температури до 42 степени.
Лани во Шпанија изгореа рекордни 393 000 хектари што е шест пати повеќе од шпанскиот просек за периодот помеѓу 2006 и 2024 година.
