Посочи дека само со намалувањето на референтната цена на „фостер“ Фондот ќе заштеди околу 50 милиони денари до крајот на годината, средства што ќе бидат искористени за воведување нов лек од најнова генерација за пациенти со астма и ХОББ
Лекот „фостер“, инхалациска терапија за астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), од 1 август се очекува да биде достапен во аптеките без доплата, со партиципација од 280 денари, додека за антикоагулансот „ксарелто“ („ривароксабан“) од 1 јануари партиципацијата ќе изнесува 160 денари, информираше денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Тој на прес-конференција посочи дека намалувањето на цените на лековите се постигнува преку два механизми – преговори со производителите при воведување на лековите на позитивната листа и воведување генеричка конкуренција, нешто што е препорачано од Светската здравствена организација (СЗО).
Посочи дека кога на позитивната листа има само еден бренд, производителот има помал мотив за намалување на цената, додека појавата на конкуренција овозможува пониски цени.
Како пример го посочи лекот „ксарелто“, кој претходно чинел 2 200 денари и бил поскап во споредба со соседните земји. Со неговото ставање на позитивната листа, цената ќе биде преполовена и ќе биде поевтин отколку во Косово, а од 1 јануари пациентите за него ќе плаќаат партиципација од 160 денари.
Сличен пример даде и за лекот „фостер“, зашто рече дека бил единствен на пазарот, а воедно и оригинатор.
По појавата на генеричкиот лек „блоцета“, произведен во Европската Унија, референтната цена во оваа категорија лекови е намалена од 2 715 на 1 915 денари, односно цели 800 денари.
Според него, лекот „блоцета“ веќе е достапен во аптеките без доплата, а производителот на оригиналниот лек „фостер“ прифатил продажба по новата пониска референтна цена.
„Во тринеделна комуникација производителот на ‘фостер‘ вчера достави соопштение дека прифаќа да биде во продажба во аптеките во Македонија по новата пониска референтна цена од 1 915 денари, што значи лекот ќе биде достапен без доплата за граѓаните само со партиципација која ќе биде 20 денари пониска и ќе биде 280 денари. Ова цена ќе стапи во сила по исцрпување на веќе доставените количини на лекот во аптеките. Очекувам дека од 1 август ‘фостер’ ќе биде достапен без доплата. ‘Блоцета’ е веќе достапна во аптеките без доплата“,
рече Клековски.
Тој додаде дека само со намалувањето на референтната цена на „фостер“ Фондот ќе заштеди околу 50 милиони денари до крајот на годината, средства што ќе бидат искористени за воведување нов лек од најнова генерација за пациенти со астма и ХОББ.
Промените во цените, како што додаде, предизвикуваат отпор кај дел од фармацевтските компании и аптеките, бидејќи намалувањето на цените влијае врз нивните приходи и маржи.
„Како Фонд активно работиме во соработка и со матичните лекари и со аптеките да ги надминеме недоразбирањата и слично. Со последното проширување на позитивната листа, бидејќи воведовме три скапи лека кои се во посебна категорија на контрола, претпоставувам стравувањата и отпорот беа малку поголеми од вообичаените, меѓутоа активно работиме со сите засегнати страни и мислам дека почетните проблеми ќе се стабилизираат. Има оправдани и неоправдани стравувања. Оправданите стравувања е несигурноста за кои сè дијагнози се издаваат овие лекови. Кај антикоагулансите ние не можеме да препишеме шифри на болести, бидејќи ќе биде многу широк списокот, и затоа ние дозволивме сите специјалисти да може да ги издаваат“,
вели директорот на ФЗО.
Во однос на достапноста на лековите, тој информира дека Фондот започнал контроли во аптеките за да провери дали пациентите го остваруваат правото на лекови од позитивната листа.
Посочи дека граѓани поднеле претставки за пет аптеки во Битола, две во Скопје и за еден матичен лекар, поради случаи кога лекови не биле издадени на рецепт и покрај доставен специјалистички извештај.
Според Клековски, аптеките се должни да обезбедат достапност на лековите од позитивната листа согласно договорите со Фондот, а контролите ќе продолжат.
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска обвинија дека Владата ги изиграла и излажала пациентите кои боледуваат од астма и хронична опструктивна белодробна болест, бидејќи покрај зголемувањето на цената на лекот „фостер“ од околу 300 на 1 080 денари, како што велат, во аптеките го нема ниту заменскиот лек.
„Во оваа сиромаштија во која ВМРО ги доведе граѓаните, многу пациенти едноставно немаат можност да издвојат уште 780 денари плус за терапија без која не можат нормално да живеат. Фондот им вети на пациентите бесплатен генерички лек како замена за лекот ’фостер’. А, сега ниту тој генерички лек кој на рецепт е бесплатен, според информациите кои стигнаа до нас, сè уште го нема во аптеките. Ова е бесрамно поигрување со здравјето на хронично болните пациенти, чие здравје зависи од овој лек“,
рече вчера портпаролката на партијата, Богданка Кузеска.
Потоа, од Министерството за здравство соопштија дека лекот „фостер“ повторно ќе биде достапен без доплата, не прецизирајќи временски период, туку дека тоа ќе се случи во најскоро време.
