Полициски службеници ги лишиле од слобода Ш. А. (45), од село Јажинце, и С. А.(44), од село Џепчиште, поради сомнение дека сториле кривично дело осигурителна измама
По проверката на видеозаписите од безбедносните камери на системот „Безбеден град“, полициските службеници утврдиле дека четирициклот не учествувал во сообраќајна незгода, туку бил донесен на местото со возило на влечна служба, растоварен и потоа намерно превртен од неколку лица на тротоарот, со цел да се прикаже лажна сообраќајна несреќа
Двајца жители на Тетовско се приведени поради сомнение дека лажирале сообраќајна незгода со цел да прикажат лажен настан и да остварат осигурителен надомест, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Во описот за настанот од полицијата велат дека на 8 јули во 21:55 часот е пријавено дека на раскрницата на улиците „135“ и „Саво Тасевски“ во Тетово наводно се случила сообраќајна незгода во која четирицикал со тетовски регистарски таблички, управуван од Ш. А. (45) од село Јажинце, излетал од коловозот и се превртел.
Според МВР, по проверката на видеозаписите од безбедносните камери на системот „Безбеден град“, полициските службеници утврдиле дека четирициклот не учествувал во сообраќајна незгода, туку бил донесен на местото со возило на влечна служба, растоварен и потоа намерно превртен од неколку лица на тротоарот, со цел да се прикаже лажна сообраќајна несреќа.
Во координација со Основното јавно обвинителство (ОЈО) Тетово, четирициклот бил одземен со потврда и задржан за понатамошна постапка.
Истиот ден околу 23:50 часот полицијата ги приведе Ш. А. (45) од село Јажинце и С. А. (44) од село Џепчиште, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело осигурителна измама.
Осомничените се задржани во Полициската станица Тетово, а по целосното расчистување на случајот ќе следува соодветен поднесок.
