Лидерот на опозициската СДСМ предупредува и дека со предлогот дијаспората да гласа по пошта нема да има никакви механизми за контрола, со што би се довел во прашање кредибилитетот на изборните процеси
Со измените на Изборниот законик, власта се обидува да направи изборен грабеж преку воведување на гласање без соодветна контрола, рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, во гостување на „Тема на денот“ на телевизија Сител.

Тој вели оти предложените решенија за гласањето на дијаспората носат висок ризик од злоупотреби, со што директно се поткопува довербата на јавноста во целокупниот изборен процес.
„Се предлага целосно поинаков систем од тоа што досега веќе е воспоставен систем на гласање на нашите гласачи со фингерпринти, проверка на идентитет итн, целосно различен систем. Прво се предложи електронско гласање. По нашите укажувања дека тоа е нешто што е апсолутно невозможно да се контролира, нешто што многу поразвиени демократии од нас планирале да го воведат, па се откажале поради ризиците, се прави само една модификација – сега дијаспората да гласа по пошта, со писма“,
рече Филипче.
Дополнително, вели оти за првично понуденото решение за гласање на електронски начин за дијаспората, од СДСМ реагирале дека е невозможно да се контролира и оти од таков начин на гласање се откажале многу поразвиени демократии, а сегашната понуда за гласање по пошта ја нарече козметички модифициран предлог за кој не добиле уверувања или, пак, гаранции за заштита на изборниот процес.
„Повторно, апсолутно никаков механизам за контрола на тој процес. Како можеме да бидеме сигурни дека тие писма, кои ќе стигнат на денот на гласањето, на претседателските избори, да кажеме, 2029 година, ќе бидат автентични и испратени од луѓето кои навистина се наши луѓе што живеат во дијаспората? Како можеме да бидеме сигурни дека тој процес некој нема да го злоупотреби? Како можеме да бидеме сигурни дека еден човек нема да испрати писма во име на повеќе луѓе?“,
рече тој.
Лидерот на СДСМ рече и оти власта нема никаков логичен одговор на забелешките и прашањата на опозицијата и оти наместо да обезбеди фер и транспарентен процес, со овие нелогични измени, како што вели, непотребно го става товарот на сомнежот врз иселениците, оставајќи простор за во иднина македонските граѓани од дијаспората неоправдано да бидат обвинувани за евентуален изборен фалсификат.
Дополнително, рече „СДСМ во овој период води силна политичка борба против оваа ненародна и криминална власт, секојдневно разобличувајќи ги погрешните политики, криминалните тендери, економскиот дебакл и оддалечувањето на државата од Европската Унија“.
„Ја станав претседател на партијата во една многу тешка ситуација, по катастрофален пораз, како што никогаш претходно немало во нејзината историја. И тоа не е лесен процес, обнова на општинските организации, обнова на раководството, на телата на партијата, силна борба со оваа корумпирана власт на Христијан Мицкоски,секојдневно разоткривање на лажните политики, разоткривање на нивните криминални тендери од страна на антикорупцискиот тим на СДСМ“,
изјави Филипче.
Според него, СДСМ нема да отстапи од силното опозициско дејствување оти Македонија се наоѓа во ситуација на економска несигурност, непотребно задолжување и изолација, управувана од власт која владее со националистичка и популистичка реторика.
