„Секогаш сум спремен за разговор. Секогаш сум спремен за дијалог. Не за исклучување. Секогаш сум спремен ако јас некаде грешам да се коригирам. Ама не слушнавме алтернатива“, вели лидерот коментирајќи го настанот „Разговори за иднината 12:05“
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче, во интервјуто за „Тема на денот“ на телевизија Сител, оцени дека внатрешните превирање во СДСМ доаѓаат во исклучително незгоден момент кога партијата поминува низ макотрпен процес на обнова на општинските организации и телата по тешкиот изборен пораз. Тој нагласи дека секое дејствување надвор од партиските рамки не само што ја слабее опозициската позиција туку директно му дава „кислород“ на владејачкото мнозинство, овозможувајќи му да владее без соодветен притисок врз неговите погрешни политики.
Коментирајќи го настанот „Разговори за иднината 12:05“ организиран од група сопартијци, Филипче истакна дека вратите на СДСМ биле и остануваат ширум отворени за секој што сака со својот личен интегритет да придонесе во борбата против власта, но дека хотел не е и не може да биде форум за дебата. Филипче откри дека на сите учесници на таа средба, вклучително и на пратеници и искусни членови, претходно им било понудено да се приклучат во телата на партијата, но дека тие одбрале патека на фрагментација која само создава немир кај членството.
„Секогаш сум спремен за разговор. Секогаш сум спремен за дијалог. Не за исклучување. Секогаш сум спремен, ако некаде грешам, да се коригирам. Јас сум свесен дека никој не е најпаметен. Можеби јас како претседател на партија имам најмногу информации и како претседател на голема партија ги знам сите трикови. Ама сум спремен да го модифицирам моето мислење, став, политика ако некаде грешам, ако некое мнозинство, мини-мнозинство, некоја група во партијата смета дека треба нешто поинаку да се направи. Ама ние не слушнавме алтернатива“,
вели тој.
Според него, СДСМ во моментов се консолидира преку секојдневна борба „гради во гради“ и разобличување на криминалните тендери на власта преку новоформираниот антикорупциски тим, па затоа паралелните дебати ги смета за свесен или несвесен дефокус од реалните проблеми – проруските влијанија на Владата, економскиот дебакл и изолацијата од Европа.
„Наместо сега во овој период ние да разговараме за овој дебакл на власта, за изолацијата од Европа, за проруските влијанија овде кај нас, за проруските ставови на владата на Христијан Мицкоски и на него лично, за дебаклот со буџетот, за немање пари за пензии, плати, социјални трансфери, земјоделство и така натаму, за ултраскапите кредити, вклучувајќи го и унгарскиот – ние зборуваме повторно за СДСМ. Зошто се создава немир кај членството кога сега веќе има консолидација и работата почна да оди добро и постепено… не како што сите посакуваме, и јас најмногу, ама постепено рејтингот почнува да се качува“,
вели Филипче.
Лидерот на СДСМ категорично ги отфрли обвинувањата за тајни договори со Христијан Мицкоски нарекувајќи ги „клевети на одредени уредници кои се повторуваат веќе две години без никаков аргумент“.
„Тоа не е вистина. И сакам да ги уверам и граѓаните и сите членови и симпатизери дека нема врска ниту имало договор за нешто. Ниту има од што јас да се бранам или да се плашам. Ниту има сега ниту може некогаш да има. Јас во оваа борба влегувам со целосниот свој личен интегритет и со силна верба дека може да се успее поради тоа што на масата е ставено иднината на државата. И, како што сум се борел во својот живот и во својата кариера сум правел сè сам, со макотрпна, целодневна секојдневна работа – така и сега го правам тоа“,
рече Филипче.
Тој појасни дека неговата кадровска политика е водена исклучиво од интересите на партијата и државата, а не од подземни пазарења. Филипче изрази жалење што искусни членови како Славјанка Петровска дозволиле да бидат изманипулирани да веруваат дека дебата надвор од партијата е конструктивна, порачувајќи дека исклучувања нема да има, но дека единството е единствениот пат до успех.
„Владата на Мицкоски е ученик што го повторува одделението и се фали кога ќе добие двојка“
Коментирајќи ја посетата на еврокомесарката Марта Кос, тој истакна дека Владата се расфрла со наводни достигнувања кои во суштина се закони што требало да бидат донесени пред повеќе од една година, квалификувајќи ја како „антиевропска структура која свесно ја води државата во изолација“.
„Гледајте, Марта Кос многу добро знае дека оваа влада е антиевропска и многу добро знае дека Христијан Мицкоски е прокси-играч на Русија, односно на Србија. Тој е човекот што ја води државата во изолација и не дозволува да се направи чекор кон отворање на поглавјата за преговори со Европската Унија“,
вели тој.
Филипче истакна дека Македонија стагнира поради националистичка реторика и лажни ветувања за подобрување на преговарачката рамка, додека Црна Гора во следниот седумгодишен буџет на ЕУ веќе има обезбедено грантови од неверојатни 3,2 милијарди евра. Според него, македонската власт е како ученик кој повторува година и очекува пофалба за најниска преодна оценка, додека во заднина се одвиваат процеси кои нè оддалечуваат од европските вредности и нè оставаат на маргините на регионот.
Тој ја обвини власта дека го користи стравот на граѓаните за идентитетот и јазикот како параван за својата неспособност да ги отвори поглавјата, знаејќи дека гаранции за промена на преговарачката рамка не постојат.
„Ветуваа подобрување на преговарачката позиција. Ветуваат дека ќе добијат гаранции. Еве, денеска Марта Кос исто како што и пред една година и сега Антонио Кошта кажа – гаранции нема. Тоа значи дека тие биле свесни и тогаш кога ветувале дека даваат лажни ветувања само да ги излажат граѓаните да гласаат за нив“,
рече тој.
Филипче подвлече дека уставните измени се единствената преостаната опција за прогрес, а секое нивно одложување е неодговорно префрлање на проблемите на следните генерации, додека државата во меѓувреме економски и демократски пропаѓа.
„Буџетот е празен, социјалните трансфери се загрозени, а државата оди кон амбис“
Во однос на состојбите во економијата, Филипче изрази загриженост дека ребалансот на буџетот е јасен доказ дека државата е пред банкрот. Според него, буџетот е целосно празен, а Владата нема никаква стратегија за развој, туку планира да преживее преку ултраскапи кредити, вклучувајќи го и унгарскиот заем кој ќе го отплаќаат децата на денешните генерации. Тој посочи дека пензионерите, земјоделците и работниците се суштински украдени бидејќи ветените зголемувања на примањата немаат реално покритие во буџетот и се само решение за купување на социјален мир.
„Ние не водиме обична дебата за буџетот, туку зборуваме за спас на државата од економски амбис“,
рече Филипче додавајќи дека вистинскиот економски развој доаѓа исклучиво преку неповратните средства од фондовите на ЕУ, до кои оваа власт нема пристап.
Тој заклучи дека СДСМ ќе го интензивира своето опозициско дејствување за да ги разбуди граѓаните од популистичкиот сон на ВМРО-ДПМНЕ, најавувајќи дека партијата ќе остане на фронтот за вистина и правда, без разлика на внатрешните обиди за дестабилизација на партиските редови. Филипче порача дека времето ќе ја покаже вистината за сечиј ангажман, но дека интересот на државата мора да биде над сите лични и фракционерски амбиции.
