Американскиот претседател на Самитот на НАТО во Анкара рече оти мировниот договор веќе долго се разработува и најави безбедносни гаранции за Киев
Американскиот претседател Доналд Трамп од Самитот на НАТО во Анкара упати оптимистички пораки дека според него Русија и Украина наскоро ќе постигнат договор за ставање крај на војната и нагласи дека ова решение веќе подолго време интензивно се разработува.

Зборувајќи пред новинарите на маргините на самитот на НАТО, каде што се појави заедно со украинскиот лидер Володимир Зеленски, Трамп изрази силна надеж дека наскоро ќе дојде до директна средба меѓу Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин од која ќе произлезе нешто позитивно. Тој ги опиша двајцата лидери како тешки карактери, но истовремено нагласи дека и двајцата имаат реална желба конечно да ја завршат војната.
Осврнувајќи се на украинските воени напади длабоко во руска територија, американскиот претседател оцени дека иако станува збор за ескалација, таа може да помогне за побрзо завршување на конфликтот бидејќи Зеленски сака што побрзо да се врати на обнова на земјата наместо на натамошни разурнување. Трамп воедно укажа и на огромниот потенцијал на Украина во однос на ретките земјени метали, отворено признавајќи дека Соединетите Американски Држави имаат свој стратегиски влог во тој сектор, додека за Русија додаде дека е голема земја и моќна сила која покажала дека многу ги почитува САД.
„Ќе работиме на некаков вид безбедносен договор. Ако можеме да направиме вистински договор, ќе ѝ помогнеме на Европа и ќе работиме на некаков вид безбедносен пакет“,
рече тој.
Запрашан дали е подготвен лично да замине во посета на Киев, тој одговори потврдно, но додаде дека е подобро тоа да се случи откако војната во целост ќе заврши.
„Би ги купиле нивните дронови. Ние произведуваме дронови, правиме одлични дронови, но тие имаат способност да направат многу, што е неверојатно – да ги прават во подруми во воена ситуација“,
изјави Трамп.
