Претседателот на САД вели дека преговорите со Иран би можеле да продолжат, но, според него, тоа е само губење време

Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека примирјето меѓу САД и Иран е завршено, по нападите што ги разменија двете земји. На новинарско прашање на Самитот на НАТО во Анкара за тоа дали ова значи крај на прекинот на огнот, Трамп одговори потврдно и иранските лидери ги нарече ѓубре.
„Не сакам веќе да се занимавам со нив, тие се ѓубриња. Знаете што е ѓубре? Тие се ѓубре. Тие се болни, свирепи, насилни луѓе. И ако имаа нуклеарно оружје, ќе го употребеа. Што се однесува до мене, готово е“,
кажа Трамп.
Според него, продолжување на преговорите би значело губење време.
„Ќе разговарам со нашите преговарачи, тие сакаат да преговараат, тие се добри луѓе – Стив Виткоф, Џаред Кушнер. Според мене, тоа е само губење време. Тие се лажговци. Ние имавме договор, и ако склучам договор со некого, значи имаме договор. Ние имавме договор, сите се согласија – нема нуклеарно оружје. Склучуваме договор и тие (Иран) излегуваат надвор и за медиумите велат никогаш не сме зборувале за тоа. Нешто не е во ред со нив… Тие сe лажговци, измамници, тоа се болни луѓе“,
рече Трамп.
САД соопштија дека нападнале 80 ирански цели, по нападите врз три нафтени танкери во Ормускиот Теснец. Како одговор, Иран соопшти дека ги таргетирал американските бази во Бахреин и Кувајт.
Минатиот месец, Техеран и Вашингтон потпишаа меморандум за разбирање од 14 страници, со цел продолжување на прекинот на огнот и прекинување на конфликтот „на сите фронтови“.
