„Кога сум на Света Гора, ме прашуваат кој ми е омилен манастир, а јас одговарам дека сите дваесет манастири ми се омилени. Отсега ќе велам дека дваесет и еден манастир ми се омилени, додавајќи ја и оваа света обител овде“, кажал гувернерот на Света Гора, Алкивијадис Стефанис, во Бигорскиот манастир

Бигорскиот манастир е 21. светогорски манастир, кажал цивилниот управител (гувернерот) на Света Гора, Алкивијадис Стефанис, на сеноќното бдение по повод манастирската слава – Рождеството на свети Јован Крстител (Иванден).
Ова е прва посета на Стефанис на Бигорската обител. Неговото доаѓање од Бигорски го оценуваат како историски значајно бидејќи станува збор за прва посета на толку висок претставник од Света Гора.
„Што најнапред да споменам? Возобновувањето од пепелта на ова прекрасно место? Исклучителните резби на иконостасот? Светата икона? Вашата духовност и начинот на кој ги раководите младите? Нека Ве чува Светиот Бог, за да продолжите да принесувате и да служите на ова прекрасно место! Две нешта би сакал да кажам и со тоа ќе завршам, свети Старче. Првото: ме восхити достоинственоста, верата и благоговението на верните кои се овде во храмот. И најважно од сè, начинот на кој тие ја изразуваат својата љубов кон Вас. И второто: со радост видов овде деца од Атонијадата, кои дојдоа и разговараа со мене. Ние на Света Гора сме многу горди на децата од Атонијадата кои се одовде, и им честитаме на родителите за прекрасните созданија што ги донеле на свет“,
рекол цивилниот управител (гувернер) на Света Гора Атонска и архонт на Вселенската и на Александриската патријаршија, Алкивијадис Стефанис.
Стефанис пристигна заедно со познатиот светогорски старец Антипа. Покрај нив, во пресрет на празникот, на сеноќното бдение на 6 јули присуствувале голем број монаси и верници од Македонија, како и гости од Света Гора, Грција и Романија. Стефанис посочил дека поради присуство на многу монаси од Света Гора, се чувствува како да е таму.
„Завршувајќи, сакам да го кажам следново: кога сум на Света Гора, ме прашуваат кој ми е омилен манастир, а јас одговарам дека сите дваесет манастири ми се омилени. Отсега ќе велам дека дваесет и еден манастир ми се омилени, додавајќи ја и оваа света обител овде“,
кажал Стефанис.

Епископот антаниски г. Партениј, кој е игумен на Бигорската свештена обител, пред почетокот на бдението посочил дека „ова е првпат во светата Обител, а и во овие наши краишта, да стапне едно толку високо лице“.
„Вашето доаѓање, заедно со нашиот драг брат во Христа, ценетиот светогорски старец Антипа, ние го доживуваме навистина како едно големо и благословено знамение. Во него препознаваме еден мост на љубов, почит и духовно сродство меѓу Бигорскиот манастир и Светата Гора Атонска; меѓу гората на Претечата и Богородичната Градина; меѓу нашата смирена обител, сместена во овие планински пазуви, и онаа света земја што со векови е срце на православното монаштво, училиште на покајанието, работилница на молитвата и на светоста, и тивко светилиште на вселенското Православие“,
вели епископот антаниски г. Партениј.

Бигорскиот манастир е духовно свртилиште на многу верници од земјава и од странство.
