Според партијата, ВМРО-ДПМНЕ претходно тврдеше дека веќе постигнала договор со Левица и Демократската унија за интеграција (ДУИ), а сега се обидува одговорноста да ја префрли врз СДСМ
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска обвинија дека на премиерот Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ не им се приоритет изборните реформи, ниту подобрувањето на Изборниот законик, туку создавање услови за изборни манипулации со гласовите од дијаспората.

Според партијата, ВМРО-ДПМНЕ претходно тврдеше дека веќе постигнала договор со Левица и со Демократската унија за интеграција (ДУИ), а сега се обидува одговорноста да ја префрли врз СДСМ.
„Нели седнаа заедно со Левица и со ДУИ, нели се договорија? Постојано само лаги и спинови“,
велат од опозициската партија.
Оттаму потсетуваат дека техничката влада е укината без политички консензус и откако не помина предлогот за електронско гласање на дијаспората, власта предложи гласање по пошта, кое, според нив, не обезбедува доволни механизми за контрола и заштита на изборната волја.
„Проблемот е кај власта, кај Мицкоски, кој сака да манипулира со 200 илјади гласови“,
се вели во партиското соопштение.
Воедно, СДСМ обвинува дека Владата ја користи Реформската агенда како оправдување за неисполнувањето на обврските од евроинтеграцискиот процес.
Од партијата порачуваат дека остануваат на својот став и дека нема да поддржат решенија кои би овозможиле злоупотреби на изборниот процес, нагласувајќи дека ќе се залагаат за заштита на гласот на секој граѓанин.
Од СДСМ вчера соопштија дека не го прифаќаат предлогот на власта опозициските партии да постигнат договор за сите отворени прашања поврзани со измените на Изборниот законик, во замена за овозможување гласање на дијаспората.
Пратеничката Јована Тренчевска оцени дека ваквиот предлог е одраз на паника кај власта, која се обидува, како што додаде, „на шверцерски начин“ да донесе закон што би почнал да се применува дури на изборите во 2029 година.
За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо сè што би договориле заедно опозициските партии бидејќи, како што велат оттаму, барањата им се слични, но бараат поддршка за гласањето на дијаспората.
Од Левица порачаа дека нивната понуда е една изборна единица и дијаспората да гласа по пошта само на претседателски избори. За понуденото усогласување меѓу опозициските партии, од партијата велат дека не знаат како би се извело.
Од ДУИ, пак, обвинија дека иако како учесници во работната група усвоиле драфт-верзија, ВМРО-ДПМНЕ се повлекле од две суштински точки за Изборниот законик.
