Централната команда на САД соопшти дека нападите биле извршени со цел да се наметнат сериозни последици поради нападите врз трговски бродови со цивилни екипажи на меѓународен поморски пат. Иранската револуционерна гарда, пак, соопшти дека извела операција со ракети и дронови против клучните американски воени локации во обид да ја попречи американската операција

Американската војска соопшти дека нападнала повеќе цели во Иран како одговор на неодамнешните напади врз неколку танкери во Ормускиот Теснец, додека Иранската револуционерна гарда тврди дека за возврат гаѓала американски воени локации во Бахреин и Кувајт, пренесуваат светските агенции.
Централната команда на САД соопшти дека нападите биле извршени со цел да се наметнат сериозни последици поради нападите врз трговски бродови со цивилни екипажи на меѓународен поморски пат.
Американски претставник изјави дека цел на нападите биле ирански системи за противвоздушна одбрана, системи за крајбрежно набљудување, ракетни системи земја-воздух, како и лансирни позиции за противбродски крстосувачки ракети и беспилотни летала. Меѓу целите биле и ирански пристанишни капацитети.
Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, изјави дека американските напади претставуваат грубо кршење на првата и втората точка од Меморандумот за меѓусебно разбирање потпишан во Исламабад.
Иранската револуционерна гарда, пак, соопшти дека извела операција со ракети и дронови против клучните американски воени локации на петтата американска флота во Бахреин и воздушната база Али Ал Салем во Кувајт, како и дека соборила американски дрон во обид да ја попречи американската операција.
Во меѓувреме, Кувајт соопшти дека изутринава биле активирани неговите системи за ракетна одбрана, а за напади информираа и властите во Бахреин.
Засега нема информации дали има нанесени штети во ниту една од двете земји.
