Вистината е дека ниту една земја кандидатка никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување сè додека последната земја членка не го ратификува договорот за пристапување. Така функционира проширувањето на ЕУ. Важно е да се прифати оваа реалност“, вели еврокомесарката Кос
Ниту една земја кандидат за членство во Европската Унија досега не добила гаранција дека нема да се појави нов спор за време на пристапниот процес, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос во интервју за МИА.
Нејзината изјава доаѓа во период кога Северна Македонија бара дополнителни уверувања дека по исполнувањето на преземените обврски во европскиот процес нема да следуваат нови билатерални условувања.
„Вистината е дека ниту една земја кандидатка никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување сè додека последната земја членка не го ратификува договорот за пристапување. Така функционира проширувањето на ЕУ. Важно е да се прифати оваа реалност“,
изјави Кос.
Комесарката порача дека напредокот кон ЕУ зависи од исполнувањето на преземените обврски и од градењето доверба меѓу земјите кандидати и земјите членки.
„Северна Македонија покажа дека може да постигне резултати кога има политичка волја. Ова го гледаме јасно во нејзините силни перформанси во рамките на Агендата за реформи. Ќе дојдам во Скопје да ја охрабрам владата да го стори истото во преговорите за пристапување“,
рече Кос.

Таа оцени дека актуелниот момент претставува можност за напредок во процесот на проширување, но дека земјите кои не ги исполнуваат обврските ризикуваат да заостанат.
„Оние што ги исполнуваат своите обврски напредуваат. Ова го гледаме најјасно во Црна Гора и Албанија. Оние што не ги исполнуваат своите обврски заостануваат. Во моменти на забрзување, стагнацијата значи де факто регресија“,
нагласи еврокомесарката.
Во своите претходни настапи за проширувањето, Кос повеќепати нагласуваше дека процесот на пристапување мора да биде заснован на заслуги и дека земјите кандидати треба да имаат јасна перспектива доколку ги спроведуваат потребните реформи. Таа посочуваше дека ЕУ има интерес да го забрза приближувањето на Западен Балкан, но и дека напредокот зависи од исполнувањето на критериумите.
Во интервјуто за МИА, Кос повторно го истакна значењето на довербата како клучен елемент во пристапниот процес.
„Според моето искуство, таквата доверба се гради првенствено врз два елементи: исполнување на обврските и став на земјите кандидатки кон ЕУ и нејзините земји членки. Ова започнува со добрососедски односи. Кога меѓусебната доверба расте, процесот на пристапување станува побезбеден“,
рече таа.
Северна Македонија ги започна пристапните преговори со Европската Унија во 2022 година, по одржувањето на првата меѓувладина конференција. Во рамки на процесот, земјата треба да го заврши скринингот и да ги отвори преговарачките кластери, но продолжувањето на следните чекори е поврзано со исполнувањето на обврските од европската преговарачка рамка.
Кос во интервјуто се осврна и на идејата за постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ пред полноправното членство, која е предмет на дебата меѓу дел од европските земји.
Според неа, процесот на пристапување бара време, но Европската Унија во актуелниот геополитички момент не може да си дозволи предолго чекање.
„По летото, Комисијата има намера да предложи нови начини за земјите членки да ги приближат земјите кандидатки до ЕУ пред пристапувањето. Но, ова ќе бара напредок во преговорите за пристапување. Ова останува приоритет“,
изјави Кос.
