На годишно ниво најголемо зголемување има кај алкохолните пијалаци и тутунот кои се поскапи за 9,3 отсто, додека храната и безалкохолните пијалаци за една година бележат раст од 2,5 отсто

Трошоците за животот во јуни годинава се зголемени за 3,4 отсто во споредба со истиот месец минатата година, додека цените на мало во истиот период бележат пораст од 3,6 отсто, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Според извештајот, месечната инфлација во јуни, мерена преку индексот на трошоците на животот, изнесува 0,5 отсто во однос на мај годинава.
На годишно ниво најголемо зголемување има кај алкохолните пијалаци и тутунот кои се поскапи за 9,3 отсто, додека во однос на претходниот месец оваа група не бележи никаква промена. По нив е секторот транспорт кој за една година е поскап за 6,2 проценти.
Храната и безалкохолните пијалаци на годишно ниво се поскапи за 2,5 отсто, а за речиси исто толкав процент повисоки цени се плаќале и за домување, вода, електрична енергија, комуникации и информации.

Цените за покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата на годишно ниво се зголемиле за 4,2 отсто.
Значаен пораст има и во секторот услуги за образование, кој е повисок за 4,6 отсто, додека услугите во рестораните и во сместувањето се поскапи за 4,9 проценти.
На месечно ниво секторот рекреација, спорт и култура бележи најголемо зголемување – 1,4 отсто.
Во јуни, во однос на претходниот месец, намалување на трошоците на животот е забележано кај храната и безалкохолните пијалаци и кај транспортот кои се пониски за 1,1 и 1,6 отсто.
Државниот завод за статистика објави и дека индексот на цените на мало во јуни бележи намалување од 0,8 отсто во однос на претходниот месец, а на годишно ниво индексот на цените на мало бележи зголемување од 3,6 проценти. Најголемо зголемување кај цените на мало на месечно ниво има кај алкохолните и безалкохолните пијалаци кои се повисоки за 0,4 отсто.
Најголемо намалување на цените во јуни во однос на претходниот месец има кај земјоделските производи кои се пониски за 6,2 отсто. За 1,5 отсто во јуни поевтини биле прехранбените производи.

