Дијаспората не е „туѓо тело“ и треба да се третира со почит, вели пратеникот Беким Ќоку од Влен

Коалицискиот партнер Влен жали што дебата за измените на Изборниот законик се води околу гласањето на дијаспората, наместо, како што велат оттаму, фокусот да се стави на тоа како изборниот процес да биде подемократски и поинклузивен.
Оттаму велат дека прифаќаат дијаспората на избори да може да се изјасни електронски или по пошта, само, кaко што велат, да може да гласа.
„За нас како Влен важно е дијаспората да може да гласа, без разлика дали преку електронско гласање, преку пошта, но да бидат безбедни, транспарентни и сигурни форми во согласност со меѓународните стандарди. Нашата дијаспора не е само за дознаки и помош на роднините. На неа не може да се сеќаваме само кога испраќа пари, таа е неразделив дел од нашето општество и секако мора да има можност да биде дел и од политичкото одлучување. Ова и го должиме. Затоа сметаме дека блокадата на опозицијата со илјадници амандмани не му служат на овој процес. Граѓаните очекуваат решенија, а не пречи и блокади“,
кажа денеска на прес-конференција пратеникот Беким Ќоку.
Инаку, претходно на прес-конференција, пратеничката од ДУИ, Рина Ајдари кажа дека денешните преговори околу Изборниот законик во Собранието се пропаднати. Таа посочи дека ВМРО-ДПМНЕ се повлекле од две суштински точки на договорот – прво, од електронското гласање на дијаспората, барајќи гласањето да се одвива преку пошта и второ – подзаконските акти на Државната изборна комисија што се однесуваат на електронското гласање на дијаспората да се донесуваат со консензус, барајќи тие да се усвојуваат со мнозинство гласови.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стојаноски, вели дека власта ќе прифати сè што ќе се договори опозицијата, а се однесува на различни аспекти – една изборна единица, модел на финансирање, начин на прифаќање на поплаките и модел на изјаснување на дијаспората, сè додека биде прифатен нивниот став – дијаспората да може да го искористи уставно загарантираното право и да може да гласа.
