„По катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Скопје не остана само. Светот подаде рака, народи од сите континенти помогнаа градот повторно да се роди од урнатините, а меѓу првите земји кои застанаа со помош и солидарност беше токму Венецуела. Тоа Скопје не го заборава“, рече скопскиот градоначалник
Град Скопје додели 1,2 милиони денари помош за справување со последиците од земјотресот во Венецуела, информира денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на неговиот фејсбук-профил.

„Град Скопје доделува финансиска помош во висина од 1,2 милиони денари за справување со последиците од земјотресот, како искрен чин на солидарност кон пријателскиот народ на Венецуела“,
напиша тој на Фејсбук.
Според него, Скопје има искуство со последиците од разорен земјотрес, потсетувајќи на катастрофалниот земјотрес од 1963 година, по кој градот доби помош и поддршка од меѓународната заедница.
„Скопје многу добро знае што значи болка по разорен земјотрес. Нашиот град ја носи таа лузна длабоко во својата историја, но ја носи и најсилната порака дека кога е најтешко, човечноста мора да биде најгласна. По катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Скопје не остана само. Светот подаде рака, народи од сите континенти помогнаа градот повторно да се роди од урнатините, а меѓу првите земји кои застанаа со помош и солидарност беше токму Венецуела. Тоа Скопје не го заборава“,
вели градоначалникот.
Поради тоа, како што вели, Скопје денес возвраќа со поддршка кон народот на Венецуела, кој се соочува со последиците од земјотресот.
Изрази сочувство до семејствата на жртвите и посака брзо закрепнување на повредените.
„Нашите мисли се со сите граѓани кои минуваат низ овие тешки моменти. Скопје беше изградено од солидарноста на светот, меѓу кои беше и Венецуела. Затоа Скопје денес е светски град. Скопје памети. Скопје сочувствува. Скопје помага“,
вели Ѓорѓиевски.
Според вчерашните податоци на венецуелското Министерство за информирање, бројот на загинати во двата земјотреси во Венецуела се искачи на 3 342.
Бројот на повредени достигна 16 470, додека бројот на луѓе кои останаа без своите домови скокна на 17 345.
Првиот земјотрес во Венецуела со магнитуда од 7,2 степени според Рихтеровата скала се случи на 24 јуни, на околу двесте километри западно од Каракас. По него следуваше втор земјотрес со магнитуда од 7,5 степени, на оддалеченост од 45 километри, а потоа и низа последователни потреси.
Земјотресот со магнитуда од 7,5 степени беше најсилниот во последните повеќе од сто години, велат податоците на Американскиот геолошки институт.
