На седницата на Комитетот за управување со Националниот едношалтерски систем (НЕС), со која претседаваше Николоски, е потврдено успешното завршување на тендерската постапка и склучувањето договор со најповолниот понудувач за испорака и инсталација на новиот систем
Според договорот, избраниот конзорциум има обврска да го операционализира системот и да го стави во функција до крајот на 2027 година
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска го најави почетокот на имплементацијата на новиот Национален едношалтерски систем (НЕС), кој ќе ги обедини услугите на 15 институции на единствена електронска платформа за поефикасно спроведување на постапките за увоз, извоз и транзит на стоки.

На седницата на Комитетот за управување со Националниот едношалтерски систем (НЕС), со која претседаваше Николоски, е потврдено успешното завршување на тендерската постапка и склучувањето договор со најповолниот понудувач за испорака и инсталација на новиот систем.
Според договорот, избраниот конзорциум има обврска да го операционализира системот и да го стави во функција до крајот на 2027 година.
„Националниот едниошалтерски систем претставува еден од најзначајните проекти за дигитализација и модернизација на постапките со увозот, извозот и транзитот на стоки. Неговата цел е да обезбеди единствена електронска платформа преку која компаниите ќе можат побрзо и поефикасно да ги спроведуваат законските постапки поврзани со надворешната трговија. Продолжуваме да ги модернизираме и управуваме сите процеси во Македонија“,
рече Николоски на седницата на Комитетот за управување со НЕС.
Според него, целта на реформата е олеснување на трговските процеси преку рационализација и поедноставување на процедурите за аплицирање и издавање дозволи.
„Со воведувањето на Националниот едношалтерски систем ќе се овозможи електронска размена на податоци меѓу сите надлежни институции на национално ниво, подобрена меѓуинституционална соработка и координирано постапување во рамки на системот“,
кажа тој.
Од Министерството за транспорт соопштија дека земјава е дел од проектот за олеснување на транспортот и трговијата во земјите од Западен Балкан, во чии рамки една од клучните компоненти е имплементацијата на Националниот едношалтерски систем.
Новиот систем целосно ќе го замени постојниот систем за управување со дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки, овозможувајќи поефикасни, побрзи и потранспарентни процедури.
