Во известувањето до Кривичен, тие навеле дека нивниот дневен надоместок кој се движи од 570 до 670 денари со години не е изменет од Министерството за правда и Судскиот совет, и покрај бројот на предметите, сложеноста на постапките и времетрањето на нивниот ангажман
Од Основниот кривичен суд Скопје изразуваат разбирање за незадоволството на судиите поротници, оценувајќи дека тие заслужуваат достоинствен и соодветен надоместок кој ќе ја одразува важноста на функцијата што ја извршуваат и го повикуваат Министертството за правда во најбрз можен рок да почне со измена на Правилникот за надоместоците на судиите поротници
Судиите поротници при Основниот кривичен суд Скопје од денеска (7 јули 2026 г.) ќе започнат со мирен протест и нема да учествуваат на дел од судските расправи, а причината, како што соопштија денеска од Судот, е долгогодишниот проблем со дневниците и нерешавањето на нивните барања од страна на Министерството за правда и Судскиот совет.

За ова судиите поротници вчера го известиле скопскиот Кривичен суд.
Во известувањето, тие, според Судот, наведуваат дека нивниот дневен надоместок кој се движи од 570 до 670 денари со години не е изменет, и покрај бројот на предметите, сложеноста на постапките и времетрањето на нивниот ангажман.
Според нив, ваквиот надоместок не ја одразува одговорноста и значењето на функцијата што ја извршуваат, ниту ги покрива основните трошоци поврзани со присуството во Судот, велат од Кривичен.
Тие посочуваат дека во изминатите две години во повеќе наврати се обратиле до Министерството за правда и до Судскиот совет со барања за решавање на ова прашање, но дека до денес не се преземени конкретни мерки, поради што се одлучиле на мирен протест.
„Заради тоа, Кривичниот суд ја известува јавноста дека сите расправи кои во текот на денешниот ден ќе бидат одложени заради отсуство на судиите поротници ќе бидат презакажани за следниот најскор термин, за што странките ќе бидат известени, а сè со цел да не се предизвика непотребно одолговлекување на постапките“,
се наведува во соопштението од Кривичен.
Во него е наведен и ставот на Судот во однос на барањата на судиите поротници, во кој се вели дека улогата на судијата поротник е исклучително важна и дека нивната посветеност, одговорност и придонес се неопходни за правилно и законито срповедување на голем број судски постапки.
„Без нивното учество, значителен број судења не можат непречено да се одвиваат“,
велат од Кривичен.
Оттаму изразуваат разбирање за нивното незадоволство, оценувајќи дека судиите поротници заслужуваат достоинствен и соодветен надоместок кој ќе ја одразува важноста на функцијата што ја извршуваат.
Воедно, Судот, се додава во соооптението, очекува Министерството за правда во најкус можен рок да почне со измена на Правилникот за надоместоците на судиите поротници, со цел да се сосдадат услови за надминување на настанатата состојба.
„Основниот кривичен суд Скопје смета дека ова прашање треба да се реши преку институционален дијалог и взаемно разбирање, бидејќи неговото навремено разрешување е во интерес на судиите-поротници, судовите и, пред сè, на граѓаните кои очекуваат ефикасно, континуирано и непречено функционирање на правосудниот систем“,
наведуваат од Основниот кривичен суд Скопје.
Според информации од службата за односи со јавност на Судот, денеска во Кривичен ќе се одржат рочишта од судските процеси во кои нема судии поротници, односно оние што ги води судија поединец, додека дел од другите ќе бидат одложени.
Колку од денеска закажаните судења ќе се одложат, оттаму велат дека ќе биде познато на крајот од денешниот работен ден.
