САД веќе започнаа со намалување на својот ангажман и воени капацитети во Европа, која сега треба да ја преземе конвенционалната одбрана, додека Вашингтон би продолжил да го обезбедува нуклеарниот чадор и стратешките разузнавачки податоци

Лидерите на земјите членки на НАТО денеска и утре ќе престојуваат во турската престолнина Анкара на самит на кој европските сојузници треба да го преземат главниот товар за одбраната на сопствениот континент.
Откако на почетокот на 2025 година стана претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп силно инсистира Европејците да ја преземат главната улога во одбраната. САД веќе започнаа со намалување на својот ангажман и воени капацитети во Европа, која сега треба да ја преземе конвенционалната одбрана, додека Вашингтон би продолжил да го обезбедува нуклеарниот чадор и стратешките разузнавачки податоци.
Тоа значи дека Европа ќе треба да ја осигури конвенционалната, ненуклеарна моќ на копнените, воздушните и поморските сили во рамките на Алијансата, додека САД повеќе би се ангажирале во Индо-пацифичкиот Регион.

Под притисок на Трамп, сите членки освен Шпанија на минатогодишниот Самит во Хаг се согласија да ги зголемат издвојувањата за одбрана на пет отсто од БДП до 2035 година, од кои 3,5 отсто се однесуваат на чисто одбранбени трошоци, а преостанатите 1,5 отсто на трошоци поврзани со одбраната.
Во пресрет на Самитот во Анкара, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека членките на НАТО веќе ги зголемиле издвојувањата за одбраната на околу четири отсто од БДП. Тој додаде и дека земјите членки денеска, на форумот со одбранбената индустрија, ќе објават нови договори вредни десетици милијарди долари.
Лидерите ќе го разгледаат напредокот од минатогодишниот Самит во Хаг и ќе го дефинираат планот за понатамошно остварување на клучните цели на НАТО.
„Претстојната задача е јасна – да ги претвориме обврските што ги презедоа сојузниците во конкретни резултати. Зголемените инвестиции, индустриското производство и континуираната поддршка за Украина – сето тоа придонесува за посилно НАТО и поголема безбедност за сите нас“,
порача Руте.

Украина во фокусот
Кога станува збор за Украина, на земјата критично ѝ недостасуваат ракети за противвоздушна одбрана, а овој недостиг е дополнително влошен поради американската војна против Иран, што дополнително ги оптовари глобалните залихи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе им се приклучи на лидерите на НАТО и ќе одржи состанок во четири очи со американскиот претседател Трамп.
„Искрено се надеваме дека самитот што сега се одржува во Анкара, самитот на најсилните евроатлантски држави, нема да остане само на празни зборови. И дека нашата заштита на животот, нашата безбедносна соработка и одбранбените капацитети овде во Европа и со Америка ќе зајакнат преку заедничка работа и заеднички одлуки“,
изјави во пресрет на Самитот, украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Шефот на САД во понеделникот изрази оптимизам во однос на напредокот за крај на војната во Украина по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Трамп изјави дека разговорите за ставање крај на војната се многу поблиску отколку што мислат луѓето.
„Претседателот Путин исто така сака таа да заврши. Верувајте ми кога ви го кажувам ова. Тоа беше добар разговор. А претседателот Зеленски сака да заврши веднаш. Ќе излеземе пред НАТО, ќе разговараме за тоа и мислам дека ќе го постигнеме тоа. Мислам дека ќе ја завршиме војната“,
уверува Трамп.
Лидерите на НАТО во Анкара ќе ја усвојат завршната декларација – официјален документ што се носи на крајот на секој самит на шефови на држави и влади и во кој се дефинираат клучните стратешки приоритети и насоки на Алијансата. На оваа декларација веќе со недели работат амбасадорите на земјите членки.
Македонска делегација
На Самитот на НАТО во Анкара учествува македонска делегација. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова утре ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, што ќе се одржи во претседателскиот комплекс „Бештепе“. Во состав на македонската делегација се и министрите за одбрана Владо Мисајловски и за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, како и началникот на генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Министерот за одбрана Мисајловски ќе учествува на Форумот за одбранбена индустрија, на приемот за министри за одбрана организиран од турскиот министер за национална одбрана, Јашар Ѓулер, и на церемонијата за приклучување на Франција, Финска и Шведска кон Мултинационалната соработка за воспоставување на НАТО-обука за летање во Европа.
