На средбата присуствувале универзитетски професори, лекари, научници и други истакнати професионалци со македонско потекло, кои, и покрај успешните кариери во Турција, како што вели претседателката, останале силно поврзани со своите македонски корени
Според претседателката, отворањето лекторат во земја во која живее бројна заедница со македонско потекло претставува природен и стратешки чекор, кој ќе овозможи изучување, негување и афирмација на македонскиот јазик
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, во рамките на посетата на Турција, вчера во Амбасадата на Македонија во Анкара се сретна со претставници на македонската заедница во земјата.

Како што објави на нејзиниот фејсбук-профил, на средбата присуствувале универзитетски професори, лекари, научници и други истакнати професионалци со македонско потекло, кои, и покрај успешните кариери во Турција, останале силно поврзани со своите македонски корени.
На средбата била присутна и Севим Оздемир, претседателката на Здружението „Иселениците од Румелија“.
„Во нивните сведоштва се преплетуваат спомените за родниот крај, грижата за македонскиот јазик и одговорноста тоа богатство да им го пренесат на идните генерации“,
напиша таа на Фејсбук.

Претседателката ја поздрави иницијативата на проф. д-р Мелахат Парс, раководителка на Катедрата по македонски јазик при Универзитетот во Анкара, за нејзино целосно етаблирање и за отворање Лекторат по македонски јазик.
Според неа, отворањето лекторат во земја во која живее бројна заедница со македонско потекло претставува природен и стратешки чекор, кој ќе овозможи изучување, негување и афирмација на македонскиот јазик.
„Иницијативата на проф. д-р Мелахат Парс, раководителка на Катедрата по македонски јазик при Анкарскиот универзитет, за целосно етаблирање на истата и отворање Лекторат по македонски јазик во Анкара ја препознав како природен и стратешки чекор. Во земја каде што живее бројна заедница со македонско потекло, лекторатот ќе биде простор за изучување, негување и афирмација на македонскиот јазик“,
рекла таа.

Силјановска-Давкова денеска и утре во Анкара ќе учествува на 36. Самит на НАТО. Во македонската делегација, покрај претседателката, се и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Покрај учеството на самитот, предвидено е таа да оствари и повеќе билатерални средби.
