Сепак, Руте не објасни колку од оваа бројка се однесува на основната одбрана во споредба со другите ставки поврзани со безбедноста, како што е инфраструктурата

Европските сојузници и Канада ги зголемија своите трошоци за одбрана на четири отсто од БДП само една година откако сојузниците на НАТО се согласија за цел од пет проценти за 2035 година, вели генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Во Анкара, Турција, 32. членки на НАТО ќе се состанат на самит за да направат преглед на нивните напори да потрошат 3,5 отсто од БДП за основна воена одбрана, плус уште 1,5 отсто за подготвеност и безбедносна инфраструктура до 2035 година.
„Само една година од десетгодишниот проект гледаме дека европските сојузници и Канада веќе инвестираат околу четири отсто од својот БДП во одбрана и безбедност“,
рече Руте на прес-конференција еден ден пред почетокот на самитот на НАТО.
Сепак, Руте, како што пишува „Еурактив“, не објасни колку од оваа бројка се однесува на основната одбрана во споредба со другите ставки поврзани со безбедноста, како што е инфраструктурата.
„Тука во Анкара очекувам земјите да презентираат јасни, конкретни и веродостојни планови за да ја достигнат таа цел од пет отсто. Ќе ни требаат повеќе сили, повеќе ресурси и многу посилна индустриска база“,
рече Руте.
Тој рече дека минатата година европските сојузници и Канада потрошиле речиси 20 проценти повеќе за основна одбрана отколку претходната година.
„Гледајќи ги 2025 и 2026 година заедно, тоа се 258 милијарди долари дополнителни инвестиции“,
наведе Руте.
На минатогодишниот Самит на НАТО земјите членки се согласија до 2035 година да ги зголемат вкупните трошоци за одбрана на пет проценти од БДП, од кои 3,5 отсто за инвестиции во основна одбрана и дополнителни 1,5 проценти за ставки поврзани со безбедноста.
